Новите полимерни банконоти ќе се употребуваат од вторник

Се повлекуваат книжните 10-ки и 50-ки од промет. Од вторник граѓаните ќе можат да ги користат новите полимерни банкноти со оваа вредност или монетите. Книжните ќе може во рок од една година да се заменат во комерцијалните банки. По овој датум замената ќе се врши исклучиво во Народната банка на Република Македонија.

Во Македонија првпат се воведуваат полимерни банкноти. Со тоа, како што посочуваа од Народната банка на Република Македонија, нашата држава ќе биде на мапата на државите чија централна банка има почнато процес на полимеризација на банкнотите на националната валута. Македонскиот денар ќе се вбројува меѓу валутите чии банкноти со пониска апоенска вредност, што се и најзастапени во одвивањето на готовинските трансакции, се изработени на најсовремен начин и од најсовремен материјал.

Македонија и се придружи на Австралија, која вакви банкноти употребува од 1988 година, кога се воведени првпат во светот. Полимерни банкноти користат уште и Канада, Велика Британија, Нов Зеланд, Малдиви, Брунеи, Романија…

Полимерните банкноти ќе може да се користат за готовински плаќања, како и за плаќања преку автомати за наплата, но откако фирмите што ги инсталираат овие автомати во Република Македонија ќе ги приспособат нивните софтвери за да ги препознаваат карактеристиките и заштитните елементи на полимерните банкноти во апоенска вредност од 10 и 50 денари.

Основната разлика меѓу овие и книжните банкноти од истата апоенска вредност што се повлекуваат од оптек е материјалот што се користи како подлога за печатење ‒ хартијата изработена од памучни влакна се заменува со специјална подлога, супстрат изработен од биаксијално ориентиран полипропилен.

Новите банкноти наместо водениот печат, што сега го содржат книжните, ќе содржат транспарентен прозорец во кој се вградени препознатливи елементи од нивниот оригинален дизајн. Кај апоенот од 10 денари претставен е стилизиран цртеж на паун, додека кај апоенот од 50 денари има приказ на гравура на рановизантиска монета.

Заштитниот конец кај полимерните банкноти ќе се гледа како испрекината линија, со јасно испишан текст „НБРМ“, додека кај книжните банкноти, тој е вткаен во хартијата и под дејство на светлина се гледа како непрекината линија со јасно испишан текст „НБРМ“.

Како заштитни знаци, овие полимерни банкноти ќе содржат и микротекст видлив само со лупа, двоен пасер и скриена слика, а ќе имаат и УВ-својства.

Од НБРМ оценуваат дека ваквите банкноти не се оштетуваат лесно, што не е случај со хартијата и имаат многу подолг век од хартиените.

Анализите покажуваат дека животниот век на банкнотите изработени од полимер е подолг за 2,5 до три пати, а во некои случаи и за четири пати од оној на банкнотите изработени од хартијата во чијашто основа се памучни влакна.

– Полимерните банкноти не може лесно да се скинат при секојдневна употреба, ниту, пак, може лесно да се оштетат при допир со вода, а се и неколкукратно поотпорни на влага во споредба со хартиените. Мошне важно, супстратот од кој се изработуваат полимерните банкноти спречува апсорпција на нечистотија, со што овие банкноти не само што имаат подолг животен век од хартиените, туку се и похигиенски за употреба од страна на граѓаните, посочуваат од НБРМ.

Според НБРМ, покрај долгиот животен век на овие банкноти нивната употреба значи и заштеда на ресурси и средства бидејќи потребата од нови изданија со иста апоенска вредност во иднина ќе биде многу помала.

Полимерните банкноти како заштитен знак можат да содржат и транспарентен прозорец, што не е возможно кај банкнотите од хартија изработена од памучни влакна.

Производството на банкноти од полимер, сметаат од НБРМ, не само што се редуцираат трошоците на централната банка, туку се придонесува и за заштита на животната средина.

– Истражувањата потврдуваат дека банкнотите изработени од полимер се поеколошки од оние што се изработени од хартија. Меѓу другото, на крајот на животниот циклус на парата, доколку е изработена од хартија, таа се поништува, се реже и остатоците се носат на депонија, односно се горат, додека доколку е изработена од полимер, по режењето, таа се рециклира заради нејзино натамошно користење за добивање материјал од што се изработуваат пластични предмети за секојдневна употреба. Анализите покажуваат и дека полимерните, за разлика од хартиените банкноти, се енергетски поефикасни во процесот на изработка. Исто така, фактот што банкнотите изработени од полимер имаат помала тежина од хартиените придонесува нивниот транспорт и нивната дистрибуција да се посоодветни за зачувување на животната средина, наведуваат од НБРМ.

Книжните десетки и 50-ки се користат до 1993 година, кога се изддени и банкнотите од 20, 100 и 500 денари. Банкнотите од 1000 и 5000 денари се воведени 1996 година. Денеска се користат банкноти од 100, 200, 500, 1.000 и 2.000 денари. Петилјадарката поради нејзина слаба примена е повелечна во 2016 година, кога се воведоа банкнотите од 200 и 2000 денари.

Македонскиот денар е воведен на 26 април 1992 година./МИА

 

Translate »