Премиерот на Украина ја обвини Русија дека е вмешана во вчерашното убиство на новинарот

Премиерот на Украина Володимир Гројсман ја обвини Русија дека е вмешана во вчерашното убиство на познатиот руски новинар Аркадиј Бабченко во Киев, пишува рускиот весник „Известија“.

Гројсман на Фејсбук напиша дека е сигурен во неговото тврдење. Тој го нарече Бабченко „вистински пријател на Украина“ на кого „Русија не му прости“.

Рускиот новинар, кој работел за различни весници и телевизии, заминал од Русија во 2016 година и имал своја емисија во Украина на кримско-татарската телевизија АТР. Некои светски агенции јавија дека Бабченко, кој бил еден од најпознатите руски воени известувачи, си заминал од Русија затоа што се плашел за својот живот.

Бабченко е убиен во Киев на влезот од неговиот стан, соопшти украинската полиција, наведувајќи дека тој очигледно бил цел поради неговата професија. 41 годишниот Бабченко бил нападнат од грб со огнено оружје, по што починал на пат до болница. Тој бил припадник на руската војска во текот на првата војна за незвисност на Чеченија, по што почна да се занимава со новинарство. Работел како воен репортер за неколку руски медиуми. Бабченко беше остар критичар на Кремљ, особено по прашањето за руската анексија на Крим и поддршката на Москва за проруските бунтовници во источна Украина. Тој лани ја напушти Русија, страхувајќи за својата судбина. Москва негира каква и да е вмeшaност во неговото убиство и најави сопствена истрага.

 

Translate »