Средношколци од Холандија го чистеа ѓубрето пред Клинички центар
Средношколци од гимназија во Ротердам денес метеа и го чистеа расфрланото ѓубре во паркчето пред Детската клиника на Клиничкиот центар, пренесува sdk.com.mk
Преполните канти за отпадоци, ѓубре расфрлено по патеките и тревниците е секојдневната слика во Клиничкиот центар. Пациентите и јавноста повеќе пати реагираа за лошата хигиена на скопските клиники, особено во последно време, дека е валкано и дека ѓубрето не се отстранува навреме.
Учениците деновиве работат на фарбање и украсување на спратовите во Детската клиника, проект на холандската невладина организација „Аут од ареа“, а во еден момент решиле да излезат надвор и да зачистат.
Еден од нивните професори сам ѝпришол на екипата на САКАМДАКАЖАМ.МК, со зборовите : „Ве молиме сликајте и објавете. Ова е голем срам. Видете во каква околина се лечат дечиња“.
Потоа продолжил: „Без оглед на тоа какви бирокатратски процедури се одвиваат, не смеете да дозволите да има волку ѓубре. Колку и да не се чисти, мора да се подигне свеста и да не се фрла во веќе полните канти“, рекол за порталот еден од холандските професори.
Министерството за здравство неодамна го поништи тендерот за избор на фирма која ќе ја одржува хигиената во Клинички центар, со објаснување дека ингеренциите се вратени на Јавната установа од областа на здравството за потребите на скопските клиники и дека таа треба да распише тендер за избор на фирма која ќе се грижи за хигиената.