ВМРО-ДПМНЕ не го прифати референдумското прашање
Референдумското прашање кое го предлага власта Дали сте за членство во ЕУ и НАТО преку поддршка на договорот помеѓу Р. Македонија и Р. Грција, за ВМРО-ДПМНЕ е „спротивно на законот, двосмислено и манипулативно, изјави денеска генереалниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев.
фото.Р.С.
„Тоа е исто како да поставите прашање дали сте за 500 евра просечна плата за секое семејство и 1500 евра плата за докторите со поддршка на криминалната афера со иновациите? Ова е најдобар доказ дека власта е исплашена од тоа дека договорот со Грција не поминува кај народот и дека власта сако да го изманипулира народот и капитулантскиот договор да го протне, неосновано поврзувајќи го со членство во ЕУ и НАТО“, изјави Јанушев пред Собранието.
Тој информираше дека ВМРО-ДПМНЕ нема да ја бојкотира денешната седница и пратениците ќе учествуваат на седницата на која се очекува да се распише референдум.
Јанушев не одговори дали ќе го бојкотираат референдумот, но рече дека доколку се изгласа одлуката за референдум, партиските органи дополнително ќе одлучуваат.