„Зборувајте како човек, не тресете се“, му рече претседателот на Уставниот суд на негов колега
На седницата на која на дневен ред беше иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на собраниската одлука за распишување на референдумот, судијата Јован Јосифовски реагираше зошто дел од судиите во дискусијата ја критикувале поднесената иницијатива и рефератот на судијата известител, пренесува ,,Макфакс,,
„Не ми упаѓајте во збор како нечовек“, му се обрати судијата Јосифовски на претседателот на Уставниот суд, Никола Ивановски.
„Не може вака дрско да зборувате за трите иницијативи за уставноста на одлуката за референдумот. Тука се подносителите, ве слушаат“, рече Јосифовски, на што реагираше Ивановски дека секој има право на свое мислење.
„Зборувајте како човек, не тресете се“, му порача Ивановски на својот колега.
Јосифовски потенцира дека за него одлуката за референдум е неуставна и незаконска, а прашањето е конфузно, збунувачко и непрецизно.
Уставниот суд со 7 гласа „за“ и два „против“ ја отфрли иницијативата. Според мнозинството судии, не постои сомнеж за неуставноста и незаконитоста на референдумот.