Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ Сашо Василевски и Љубен Арнаудов излегоа од домашен притвор
Пратениците Љубен Арнаудов и Сашо Василевски излегуваат од куќен притвор. Апелациониот суд ги прифати жалбите на двајцата кои се обвинети за случувањата во собранието и со гаранција од вкупно 700 илјади евра ги пушти на слобода. Арнаудов и Василевски не одговорија дали ќе присуствуваат на седницата за уставни измени која е во тек. Не откриваат ниту дали ќе гласаат во собранието по вчерашниот повик на премиерот Заев за помирување меѓу пратениците по насилството во законодавниот дом.
Укинувањето на куќниот притвор за Василевски и Арнаудов се поклопи со денешното рочиште за собраниските настани од 27 април. Обвинителството засега не знае како ќе постапува ако се понуди аменстија за обвинетите пратеници.
Инаку денеска немаше распит на загрозениот сведок за настаните од 27 април. Поради технички причини наместо во новиот, расправата се префрли во стариот суд. На ова реагираше одбраната па судијката Добрила Кацарска ги казни со по 1.000 евра и ги избрка од судницата.
Од кривичниот суд велат дека по барање на обвинетите, испитувањето на загрозениот сведок е одложено за утре. Појаснуваат оти се ангажирани и 30-тина адвокати по службена должност кои ќе ги заменат бранителите во постапката ако се противат на можностите за работа во судницата.
-Ги разбираме реакциите на одбраната поврзани со условите во кои работи судот. Но условите се тие, не се совршени, но ги обезбедуваат основите услови за работа предвидени со Законот, се вели во известувањето од Кривичен.
За настаните од 27 април обвинети се 33-ца. Се товарат за терористичко загрозување на уставниот поредок и помагање во извршување на делото.