МВР: Јакимовски е осомничен за бесправна легализација и откуп на земјиште
Одделот за сузбивање на организиран криминал и корупција на МВР до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе кривични пријави против поранешниот градоначалник на Карпош, Стевчо Јакимовски и уште четири лица Т.Ѓ (62), В.С.(43), М.Т. (59) и Р.Д. (60) сите од Скопје, поради постоење сомнение за сторено кривично дело, „злоупотреба на службена положба и овластување”.
Портпаролот на МВР Тони Ангеловски, соопшти дека е поднесена кривична пријава и против лицата Г.Р. (51) во својство на управител на „Гром Промет” ДООЕЛ Скопје, Ч.А. (67) во својство на управител на “ЕМАГ” ДОООЕЛ Скопје, С.П (53) во својство на управител на “ДОТ МЕБЕЛ” ДООЕЛ Скопје, и Т.К. (58) во својство на физичко лице, поради постоење основи на сомнение дека го сториле кривичното дело -„поттикнување” во врска со кривичното дело – „злоупотреба на службена положба и овластување”.
Во текот на денов, со наредба за приведување пред судија на претходна постапка веќе се изведени лицата С.Ј., Т.Ѓ и В.С.
Според документираните сознанија од истрагата пријавените, Јакимовски во својство на градоначалник на Општина Карпош, Т.Ѓ. во својство на раководител на Одделение за недвижен имот и постапка за експропријација на недвижности во Сектор за правни работи на општината, В.С. во својство на виш соработник во Одделение за спроведување на урбанистички планови во Сектор за урбанизам, М.Т. во својство на вработена во Одделение за просторно и урбанистичко планирање во Секторот за урбанизам во општина Карпош и Р.Д. во својство на вработена како извршител на работи од областа на архитектонвски планирања во општина Карпош, постапувајќи по барања за утврдување на правен статус на објекти лоцирани на ул.„Илинденска”, на катастарски парцели во општината, во периодот од 2011 до 2017 година ја злоупотребиле својата службена положба и овластување и ги пречекориле границите на своите службени овластувања.