66 отсто од граѓаните сметаат дека немаат шанса за фер вработување во јавната администрација

Најголем дел од граѓаните, односно 66 отсто, сметаат дека доколку аплицираат на конкурс во јавната администрација немаат шанса за фер вработување, бидејќи членството во политичка партија претставува неформален услов за вработување (68,5 отсто), покажува истражувањето на јавно мислење на тема „Јавна администрација и непотизам“, спроведено за емисијата „Детектор“ .

Според истражувањето, мнозинството граѓани (74,9 отсто) не ги оправдуваат партиските вработувања во јавната администрација. Дел од нив сметаат дека не е во ред да се вработуваат блиски роднини на функционери во јавна администрација (36,3 отст), а дел се изјаснуваат дека треба да се направат ограничувања за ваквите вработувања (44,8 отсто).

Mинистерот за информатичко општество и јавна администрација Дамјан Манчевски потврдува дека јавниот сектор е местото каде што најмногу се случуваат проблеми со вработувањата.

Тој истакнува дека во моментов работат за да се спречат овие појави, како преку законските измени кои се воведуваат со новиот закон за раководна служба, така и преку постоечките механизми за контрола.

-Во моментов во Агенцијата за администрација постои Комисија за ревизија на процедурите при вработувањата, но таа е ограничена само на вработувањата во јавната администрација на неопределено време. Предлагаме оваа комисија да се прошири и ќе понудиме опозицијата да даде свои претставници и комисијата да има увид во сите постапки, истакна тој.

И за пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Невенка Стаменковска, ова е прифатлива опција „прифатливо е да седнеме и да дискутираме за јавната администрација, да најдеме модел на избор, но само доколку е транспарентен и не е декларативен“, потенцира таа.

Неопходноста од преземање на мерки ја истакнува и Миша Поповиќ од Институтот за демократија посочувајќи ги резултатите од анализите направени од институтот, за процедурите при именување на директори на управни и надзорни одбори и искуството на ангажираните лица.

-Управните и надзорните одбори се најкритичи. Тоа е наследство од повеќегодишното лошо управување и сфаќањата дека правилата на игра се блискост до определена партија, вели тој.

Токму директорите се опфатени во Законот за висока раководна служба, кој веќе е презентиран во јавноста и е одржана првата јавна дебата. Според министерот Манчевски, се очекува законот да биде усвоен за два до три месеци.

Во однос за другите позиции, Манчевски посочува дека министерството соработува со Сигма, меѓународна организација за реформа на јавната администрација во ЕУ и дека веднаш штом има резултати тие ќе бидат соопштени на јавноста.

Иако генерално граѓаните се задоволни од квалитетот на услугите кои ги добиваат од јавната администрација (53 отсто), сепак за дел од испитаниците справувањето со предизвикот со непотизмот при вработувањето останува ист и оваа година (38 отсто), а за дел ситуацијата се влошува (34,4 отсто).

За проблемот со непотизмот е свесен и министерот Манчевски.

-Согледавме дека имаме проблем и ќе се обратиме и кај опозицијата затоа што во ова треба заедно да влеземе и еднаш за секогаш и да го расчистиме. Сé уште се неформални комуникациите, но да, постои желба, како што беше случајот и со Државната комисија за антикорупција, додаде тој.

Покрај ограничувањето на договорите на определено време, како дел од мерките за справување со непотизмот според него е и „поднесување на изјава со која ќе се декларира поврзување на политички експонирана личност (со кандидатот што аплицира) и тогаш институцијата ќе знае кој е тој човек. -И доколку има друг кандидат со исти квалификации, ќе се даде предност на другиот, уверува тој.

Мнозинството граѓани (66,8 отсто) сметаат дека Македонија не ги исполнува стандардите и препораките на ЕУ во однос на предизвикот со непотизмот, а доколку станеме членка на Унијата повеќето (52,9 отст) очекуваат дека полесно ќе го надминеме овој предизвик.

Учесниците во емисијата се согласни дека треба побрзо да се справиме со непотизмот и да се стави крај на нетранспарентните и неквалитетни вработувања, за да може да се менува и нашиот менталитет и навиката на граѓаните да очекуваат партиски вработувања. Како што вели Поповиќ: „кога ќе се отпочне со еден процес на избор со интегритет, всушност ќе се случи поквалитетни (кадри) да се пријавуваат на работните места, бидејќи ќе почне да веруваат дека имаат реална шанса“.

Истражувањето на тема „Јавна администрација и непотизам“ беше спроведено од Институтот за политички истражувања од Скопје (ИПИС) во период од 28 февруари до 5 март на 1.125 полнолетни испитаници на ниво на целата земја, со користење на случаен примерок, стратификуван за да се запази репрезентативноста на населението.

Translate »