Одржана работилница за STEM, дизајн, критичко размислување и решавање проблеми со експерт од Австралија во соработка на Њуменс Бизнис Акцелератор и УНИЦЕФ
Во просториите на ЊуМенс Бизнис Акцелераторот, а во соработка со Канцеларијата на УНИЦЕФ – Скопје, се одржа работилница на тема: Вивнете се високо со иновација и дизајнерско размислување! Деца на возраст од 8 до 14 години со внимание и задоволство учествуваа на работилницата што ја водеше др. Стјуарт Кохлаген, директор за наука и учење во Science Center Solution, Канбера и советник за истражувања поврзани со раното изучување на STEM во Националниот центар за наука и технологија на Австралија.
За време на работилницата децата учествуваа во искуствени и забавни активности преку кои им беше овозможено низ игра и лично искуство да испитаат различни природни појави и законитости и да решаваат повеќе научни проблеми. На тој начин им беа доближени знаења и вештини кои денес би ги вклучиле во сферата STEM (наука, технологија, инженерство и математика), пресметувачко и флексибилно мислење. Целта на работилницата беше да се даде поддршка на неформалното учење и вклученост на заедницата во STEM, дизајн, критичко размислување и решавање проблеми.
Работилницата на задоволство на сите заврши со лансирање на неколку ракети направени од хартија, ракети со различен дизајн и различни перформанси.
УНИЦЕФ е Детски фонд на Обединетите нации, водечка светска организација која се грижи за правата на децата. УНИЦЕФ, заедно со партнерите работи за на секое дете да му даде детство, иднина и фер шанса.
ЊуМенс Бизнис Акцелераторот тековно спроведува активностите за деца, а една од тие е и настанот NASA Kids Space Challenge – Skopje кој се организира како дел од интернационалниот натпревар NASA Space Apps Challenge и има за цел уште од мали нозе да ја поттикне детската љубопитност за истражување на вселената и љубовта кон науката. Во моментов во тек е и Академијата за пишување на сценарио, анимација и правење на филм која што е наменета за деца на возраст од 8-14 години и им нуди едно непотворливо мултимедијално искуство.