БОКИ 13 ГИ ИЗНЕСУВА ПАРИТЕ ОД КУЌАТА НА КАМЧЕВ ТРИ НЕДЕЛИ ОТКАКО ВРХОВНИОТ СУД ЈА ЗАМРЗНА „ИМПЕРИЈА“
Бојан Јовановски – Боки 13 и Зоран Милевски – Кичеец си заминуваат од куќата на Орце Камчев со торба со пари на 20 февруари 2019 година според видеото објавено денеска од италијанскиот весник „Ла Верита“. Примопредавањето на парите се случува три недели откако се знаеше дека истрагата за „Империја“ ја замрзна Врховниот суд со начелно правно мислење, а две недели пред да му биде укинат куќниот притвор, на 4 март.
Претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски на 5 февруари, две недели пред Камчев да ги даде парите, на телевизија најави дека сите предмети на СЈО без обвинение поднесено до 30 јуни 2017, каков што е „Империја“, ќе бидат сопрени од Врховниот суд.
Начелното правно мислење дека СЈО не е овластен тужител за истраги за кои не е покренато обвинение до 30 јуни 2017 година, во кои е и „Империја“, беше донесено на 30 јануари годинава со мнозинство гласови од врховните судии.
Јовановски и Зоран Милевски – Кичеец, вториот осомничен од „Рекет“, кој исто така е во притвор, во видеото земаат само милион евра, а се осомничени за рекет и перење пари од 1.500.000 евра, земени од Орце Камчев. На снимката се гледа рачно напишана пресметка, според која, од домот на Камчев, Јовановски и Милевски ставаат во голема дизајнерска торба само милион евра.
Во видеото, се гледа броењето на еврата, па и рачно напишаната сума, кои не се снимени со некоја фиксирана безбедносна камера со која е невозможно да се фатат сите детали од сите агли, туку со камера која вообичаено се користи од крим-техника или со телефон. Од блиску и во детали е снимено кривичното дело, сосе доказите против осомничените.
На објавеното видео се збори само за работи кои веќе беа познати, Врховниот суд донесе одлука, ги замрзна истрагите, беше прашање на ден кога ќе му биде укинат куќниот притвор, кој Апелациониот суд Скопје му го продолжи по четврти пат. Тука враќањето на пасошот не се споменува. На ист начин, повикувајќи се на начелното правно мислење од 30 јануари, на 29 март, Врховниот суд му го укина куќниот притвор на поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков за „Империја“.
SDK.mk
С. К. ДЕЛЕВСКА