Властите апелираат граѓаните да не палат огнови на отворено
Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство апелираат до граѓаните одговорно да се однесуваат на отворено, со цел да се даде максимален национален придонес кон намалување на заканите од пожари кои во периодот беснееат на целата територија на државата.
„Посебно апелираме земјоделците да не ги палат стрништата и сувите остатоци по дворовите, а граѓаните да се воздржат од какво било палење на оган на отворено. Според податоците од ЈП „Национални шуми“, годинава е опожарена вкупна површина од над 14 000 хектари. Со оглед на тоа дека пожарите имаат сериозни негативни последици не само за шумскиот фонд, туку влијаат и на квалитетот на воздухот, на животот и здравјето на луѓето, на биодиверзитетот и на целокупните климатски промени, напоменуваме дека сите сторители ќе бидат казнети согласно пропишаните законски одредби кои предвидуваат соодветни казни за физички и правни лица“, се вели во апелот на министерствата.