Корона вирусот однесе 17 животи: Расте бројот на заразени, Вухан во целосен карантин!
Властите на кинескиот град Вухан соопштија дека ќе ги затворат сите градски транспортни мрежи и ќе бидат одложени сите летови откако беше потврдено дека 17 лица починаа како последица на Корона вирусот, а пријавени се 571 заразени лица.
Кинеските власти се сомневаат дека уште 393 лица се заразени од опасниот вирус, но тоа се уште не е потврдено, пренесува британската новинска агенција „Ројтерс“.
Прекинат е авионскиот, автобускиот, железничкиот сообраќај, а не работи ниту градското метро, траектите и сите останати транспортни линии во градот. Властите на Вухан ги повикаа граѓаните да не го напуштаат градот.
Во меѓувреме, бројот на пријавени случаеви на Тајланд се зголеми на четири, додека во Јапонија, Јужна Кореја, Тајван и САД е пријавен по еден случај на заразен од Корона вирусот.
Во Вашингтон на 16 лица им се врши мониторинг поради тоа што биле во контакт со лице заразено од Корона вирусот.
За време на посетата на Вухан, кинескиот заменик премиер Син Чунлан истакна дека властите мора да бидат отворени во врска со ширењето на вирусот и да се обидат да го сузбијат, додека од Светската здравствена организација соопштија дека денес ќе одлучат дали ќе биде прогласено избивање на светска здравствена криза, што би било шести пат во последните десет години.
Некои експерти сметаат дека новиот вирус не е опасен како САРС, вирус од кој околу 700 лица починаа во текот на 2012-та година. Инаку, засега не постои лек против Корона вирусот чии симптоми се грозница, отежнато дишење и кашлица, а може да предизвика и воспаление на белите дробови.
Кинеските власти и натаму ги испитуваат причините за избивањето на вирусот, а досега е потврдено дека епидемијата започнала на пазар во Вухан при илегалното продавање на диви животни.