Влада: Секој граѓанин е одговорен за своите постапки пред законот
Скопје, 14 април 2020 (МИА) – Секој граѓанин е одговорен за своите постапки пред законот вклучително и македонските граѓани кои учествуваа во синоќешниот инцидент во скопската населба Ченто. Оттука граѓаните кои не ја почитувале забраната за движење и го прекршиле полицискиот час ќе се соочат со кривична пријава по член 206 од Кривичниот законик. Земени им се податоци и ќе следуваат сооодветни мерки за сите, потенцираат од Владата за МИА.
Синоќа во Полициска станица Гази Баба од страна на полициски службеници биле лишени од слобода В.М.(19) од Арачиново, С.Р.(21) од с.Синѓелиќ и В.В.(30) од ул.„Алија Авдовиќ“, поради основано сомнение за сторено кривично дело по чл.206 од Кривичниот законик на РСМ, односно непочитување на ограничувањето на движење. По лишувањето од слобода на лицата, поголема група граѓани излегле на ул.„Алија Авдовиќ“, во знак на протест. По изготвената соодветна документација, лицата се пуштени од полициската станица, а насобраната група граѓани се разотишла.
– Ќе бидат преземени соодветни мерки и против останатите лица што не го почитуваа ограничувањето на движење. Денеска се поднесени и кривични пријави против тројцата граѓани кои не го почитуваа ограничувањето на движење, а во согласност со насоките на Јавен обвинител, институциите продолжуваат со активности за идентификување на други сторители и преземање законски мерки, наведуваат од Владата. По однос на забраната за движење, во текот на изминатите 24 часа, документирано е дека 98 граѓани не ја почитувале забраната за движење. Од нив приведени се 67 граѓани, а за останатите земени се податоци и ќе следуваат соодветни мерки, потсетуваат од Владата.