Кога експертите молчат, будалите оро водат!
Колку што се едните опуштени во „лупетањето како максим по дивизија“, толку се другите уморни и на работ од очај, како Караџовски и Филипче на последната „ал фреско“ прес-конференција.
Ја следиме ПОЛИТИЧКАТА дебата помеѓу власта и опозицијата за состојбите со епидемијата во земјава. Опозицијата секојдневно плука, блуе отров, бара оставки – а власта го има „истурено“ Филипче и, понекогаш, уште некој член од Комисијата за справување со епидемијата, за да се правдаат, да ги бранат и да ги објаснуваат здравствените состојби и политики во државава.
Гледаме и десетина други лекари кои веќе имаат стекнато статус на национални медиумски „селебрити“ кои ги коментираат состојбите, едни покритички, други повоздржано, но главно со добра волја да помогнат во релативниот хаос што владее во дискусиите за епидемијата.
И, уште, гледаме и читаме стотици и илјадници „обични“ граѓани, „експерти“ од интернет, кои бистрат или матат по социјалните платформи и другите медиуми, некои добронамерно, а многумина злонамерно, со голема доза на политикантство и со мала, но смртоносна доза на светски заговори, малку за забава, многу од страв, како импровизираат на темата…
Сето тоа го гледаме и слушаме, со месеци наназад.
Она што НЕ го забележуваме е каков било стручен придонес, со сопствени анализи и истражувања, од страна на којзнае колку професионални медицински здруженија, институти, факултети, катедри, МАНУ и невладини организации кои се занимаваат со медицински проблематики! А и кога ретко ќе се јават „за збор“ во јавноста, овие „ентитети“ главно имаат „плачливи“ (иако оправдани) синдикални барања, за плати, дневници, ноќници и разни додатоци, материјални или статусни.
Толку.
Ах, да, не треба да се заборави и приватното здравство коешто колку помага со своите болнички и други капацитети, во прв ред си го гледа бизнисот и профитот и од оваа вирусна епидемија. Нормално.
Затоа е, велам, целата епидемиска дебата во јавноста исклучиво ПОЛИТИЧКА, со хистеријата на која инсистира опозицијата од својата партиска говорница; и, од другата страна, растечката нервоза на власта заради лошите статистички трендови на заразени и починати од епидемијата. Колку што се едните опуштени во „лупетањето како максим по дивизија“, толку се другите уморни и на работ од очај, како Караџовски и Филипче на последната „ал фреско“ прес-конференција.
повеќе на следниов линк https://www.slobodenpecat.mk/koga-ekspertite-molchat-budalite-oro-vodat/