Оштетени штедачи: Каде Николче Петкоски поклони 1,2 милиони евра пари од оштетените депоненти на „Еуростандард“?
„АТВ Зеус е една од најголемите фирми должници на Еуростандард банка. Според извештајот на стечајниот управник Душко Тодевски, оваа фирма должи над 1,2 милиони евра и нема платено ниту една рата нешто повеќе од година дена до самото затворање на банката во август минатата година. Формирана е со непаричен влог од 5 илјади евра од вујкото на Николче Петкоски, поранешниот директор на Еуростандард банка. Таа има еден вработен и е со трговска дејност“, соопштуваат денеска од Здружението на Оштетени штедачи на Еуростандард банка.
„На дебатната емисија на ТВ24 во ноември минатата година, Николче Петкоски јавно потврди дека кредит од таков износ бил даван сукцесивно неколку минати години на оваа фирма на основа на обична меница како единствено обезбедување. Воедно, тој јавно тврдеше и дека парите од кредитот на фирмата се вратени 95 отсто назад од дадени позајмици кон други фирми кои пак сервисирале обврски во банката.
Оваа констатација на Николче Петкоски е, всушност, основата на криминалните активности во Еуростандард банка. Од увидот во билансите на фирмата, може да се утврди дека во последните неколку години таа генерирала годишна добивка од 5 илјади евра до загуба од 24 илјади евра. Фирмата има околу 70 илјади евра годишен приход, додека нејзината задолженост во минатите пет години е во просек околу 98 отсто. Последните години фирмата има и негативен капитал како резултат на генерирана загуба, додека обврските на фирмата се над еден милион евра.
Николче Петкоски доделил 1,2 милиони евра кредит на фирма на неговиот вујко која била и е презадолжена и која не била кредитоспособна да го отплаќа истиот. Воедно, фирмата сеуште ја должи истата сума зголемена за достасаната камата. Како е можно да биде даден таков голем кредит на високоризична фирма со слаби финансиски показатели за ликвидност и успешност, фирма која воопшто не може да ги отплати ратите на кредитот од своето работење, а има дадено обична меница како единствено обезбедување!? Кој е мотивот и капацитетот на фирмата да дава позајмици на други фирми за да сервисираат нивни обврски кон Еуростандард банка, а за таа цел да „подигне” ултра голем кредит којшто неможе да го отплаќа!?
Николче Петкоски го одобрил додека Трифун и Коста Костовски потпишале и се согласиле да кредитот биде доделен. Кредит којшто бил даден за да не се врати. Чист криминал!