Растат микро бизнисите кои работат од дома!
За отпочнување со домашен бизнис не се потребни многу средства, дава можност да се експериментира, овозможува самостојно управување со времето прилагодено на личните потреби
Водењето бизнис од дома има голем економски потенцијал, ова особено се покажа за време и по пандемијата со Ковид-19 кога тоа доживува вистински подем. Пример се САД каде овој вид микро бизниси двојно се зголемиле. Овој вид претприемништво е и многу важен за поттикнување на иновативноста, вели Амир Шани, професор на Универзитетот Бен Гурион од Израел.
Токму домашното претприемништво беше во фокусот на неговото обраќање на јавната дебата на тема „Претприемништво, иновации и економски слободи“ организирана од Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје и Центарот за австриска економија од Виена во рамки на меѓународната иницијати Free Market Road Show®, извести МИА.
Одлична можност за дополнителни приходи
Претприемништвото во домашни услови, односно основањето и водењето бизнис од дома, според Шани има низа предности, а тоа уште подостапно го прават новите технологии, постоењето на бројни бизнис платформи каде може да се пласираат домашни рачни изработки, слики, накит, домашно произведена храна… Овој вид бизниси е и многу погоден како дополнителен извор на приходи, покрај регуларната работа. За отпочнување со домашен бизнис не се потребни многу средства, дава можност да се експериментира, овозможува самостојно управување со времето прилагодено на личните потреби. Особено, вели тој, се поволни за оние кои не сакаат да патуваат долго до работното место, да ги избегнат сообраќајниот метеж типичен за големите градови, а се и еколошки погодни.
„Главната причина, главната мотивација за работа од дома е што луѓето се сами свои шефови, имаат слобода, самостојно одлучуваат и ги креираат своите работни агенди, имаат пофлексибилен распоред на активности“, вели професорот Шани.
Домашно базираните бизниси се особено важни и за иновациите, вели израелскиот економист, посочувајќи дека Бил Гејтс и Стив Џобс своите бизниси ги започнале во гаража, односно во подрум. Тоа им овозможува на претприемачите да се стекнат со основни вештини и почетен капитал, да придонесат за локалната економија.
Ковид-пандемијата предизвика бум на микро-бизниси по дома
Постојат и слаби страни на домашното претприемништво, а тоа се постоењето многу законски пречки. Сликата е иста речиси во секоја земја, тоа се пред се бирократијата, забраната за работа во станбени зони, потоа бројните безбедносни и здравствени рестрикции. Во САД, вели, е целосно забрането производството на храна во домашни услови, бидејќи треба да се следат многу стриктни здравствени прописи кои се применуваат на рестораните, иако станува збор за мали бизниси.
Професорот Шани, кој има експертиза во туризмот и еко-туризмот, посочува дека во Израел особено по Ковид пандемијата присутни се мноштво иницијативи каде луѓето ги отвораат своите домови и нудат комерцијално гостопримство.
„Луѓето се заситени од традиционалните туристички атракции, сакаат нешто возбудливо, уникатно, автентично и креирано како локална понуда. Не ја сакаат повеќе институционализираната туристичка индустрија. Кај домашното комерцијално гостопримство, сега обичните граѓани ви ги отвораат своите домови, ве покануваат да ги посетите и ви пружаат гостопримство. Ова е мошне атрактивна пракса која се случува во градот Арад, во јужен Израел. Тоа може да бидат уметници, кои сакаат да ви презентираат како ги создаваат своите дела, како живеат. Може да бидат и обични семејни луѓе кои сакаат да ја споделат својата семејна историја, традициите, нивната култура“, вели Шани.
Потребно е либерализирање на условите за бизнис во домашни услови
Пречка за развојот на овој вид иновативен туризам е вели, токму традиционалниот институционализиран туризам кој не сака конкуренција, па дури сака и да ги потисне овие нови форми на туризам.
„Одредена регулатива треба да постои, но решението е Владата, локалните власти да ги либерализираат условите за домашно базираниот туризам, комерцијалното гостопримство кое се нуди во домашни услови“, вели израелскиот професор и експерт за туризам и екотуризам.
Настанот е во рамки на 2023 Free Market Road Show® – европска иницијатива за промовирање на принципите на пазарната економија и претставува собир на истакнати лидери од бизнисот, научници и студенти, креатори на јавното мислење, експерти за политики, дипломати и други интересни групи кои дискутираат на актуелни општествени прашања. Оваа година иницијативата ќе посети 33 града, а Скопје е втората дестинација.
kapital.mk