НЛБ Банка пријатели на македонските одбојкари на Европското првенство

Одбојкарската федерација на Македонија на денешната конференција за печат ги најави деталите за претстојното 34-то Европско првенство во одбојка во машка конкуренција, на кое годинава за првпат ја имаме честа да бидеме домаќини. Вчера официјално започна првенството и ќе трае се до 16 септември. На годинешното првенство покрај нашата земја, домаќини се уште три земји, Италија, Бугарија и Израел.

Натпреварите на македонската репрезентација започнуваат на 30 август, во салата Борис Трајковски во Скопје, со почеток во 20:00 часот, каде нашите момци ќе си ги одмерат силите со репрезентацијата на Данска. Со овој натпревар го започнуваме нашето трето учество на европските шампионати.  Во продолжение, целосниот распоред на македонските одбојкари:

30.08.2023 (20 часот): МАКЕДОНИЈА – Данска

02.09.2023 (20 часот): МАКЕДОНИЈА – Црна Гора

03.09.2023 (20 часот): МАКЕДОНИЈА – Полска

05.09.2023 (17 часот): МАКЕДОНИЈА – Холандија

06.09.2023 (20 часот): МАКЕДОНИЈА – Чешка

„На ден пред европското првенство силно се надеваме дека ќе успееме да ја добиеме и освоиме и оваа битка. Утре почнува она што долго го очекувавме и на кое изминатите 10 години макотрпно работевме. Европа нè препозна, ја препозна нашата работа и труд и го добивме Европското првенство да се одржи во нашата држава, во наша арена. Освен што нè препозна Европа, нè препознаа и во нашата држава. Спортот без поддршка не може да ги даде врвните резултати и квалитети, затоа во оваа прилика би сакал да им се заблагодарам на НЛБ Банка за неизмерната поддршка како во претходниот период, но и за овој голем настан како што е Европското првенство во одбојка.“ изјави  Петар Јовановски претседател на Одбојкарската федерација на Македонија.

На настанот се обрати и селектортот Јошко Миленкоски кој истакна: „На чекор сме до големиот настан, можеби најголем во нашата спортска историја. Европското првенство со сите свои предизвици го привлекува вниманието на целата спортска јавност. Свесни за тоа, се подготвуваме да го дадеме најдоброто од себе, пред сè како учесници на овој спектакуларен собир на најдобрите од светот на одбојката, а потоа и како спортисти кои со својот квалитет, борбеност и мотивација ќе сторат сè за да ги оправдаат очекувањата и со голем спортски резултат да ги израдуваат нашите поддржувачи и симпатизери.“

Никола Ѓорѓиев капитенот на нашата репрезентација пред почетокот на првенството ги сподели своите впечатоци: „Влегуваме максимално спремни на ова европско првенство, би сакал да изразам огромна благодарноста за поддршката која ја добиваме од нашите навивачи, од медиумите и секако од НЛБ Банка како наш пријател. Утре не чека една голема утакмица еден голем ден каде сметам дека треба да влеземе позрело, мудро и трпеливо и заедно со цел Борис Трајковски и цела Макеоднија верувам ќе извојуваме победа…се надеваме утре ќе успееме да ве израдуваме!“  

Сите натпревари од Групата Ц ќе се одиграат во салата Борис Трајковски во Скопје. Четирите најдобро пласирани репрезентации ќе обезбедат настап во осминафиналето, каде што домаќини се Бугарија и Италија.

Пласманот на претстојното Европско првенство претставува значителен успех за македонската репрезентација, а задоволството е уште поголемо бидејќи Скопје ја доби довербата да биде домаќин на групата во која игра нашата репрезентација, што сигурно претставува чест и гордост за Федерацијата. По тој повод, НЛБ Банка како еден од главните поддржувачи на спортот и овој пат не ја пропушти шансата да застане зад одбојкарите и стана пријател и поддржувач на Федерацијата во пресрет на ЕП 2023.

Фактот што настапите од ЕП на нашата репрезентација ќе се одржат во Скопје е доволна мотивација за да им дадеме силна и масовна поддршка на македонските одбојкари, во еден од најважните настани во нашата спортска историја!

Translate »