Блум: Ситуацијата со корупцијата во Македонија е алармантна
Корупцијата има во сите земји, но ситуацијата во Македонија е алармантна. Претставничката на САД рече дека државата треба да преземе брзи чекори во борбата за спречување на корупцијата. Според неа, тоа е една од причините зошто младите ја напуштаат земјата.
„Борбата против корупцијата бара решителност на сите членови на општеството. Јас ве поддржувам во вашите напори да се држите вие и институциите подалеку од корупцијата. Јас ве охрабрувам да преземете конкретни чекори за да се потенцира поддршката на Законот за свиркачи. Низ универзитетите да ги мотивира професорите, персоналот, студентите да пријавуваат корупција.“ – изјави Микаела Швајцер Блум – заменик амбасадор на САД во Македонија
Освен администрацијата, според Законот за свиркачи, треба да има компетентни луѓе за пријавување на прекршувањата. Со новиот закон за високо образование и во универзитетите ќе има таков одговорен човек за пријавување на корупцијата.
Овие забелешки беа упатени на настанот на кој присуствуваа претставници на Универзитетот Свети Кирил и Методиј, на другите универзитети, од Министерството за образование и претставници на Обединетите нации кои потпишаа изјава за „Универзитети без корупција“ во врска со Законот за заштита на свиркачите како средство за спречување на корупцијата на универзитетите во Македонија.
фото: Телма