Макпрогрес донира храна за СОС Детско Село за период од 6 месеци
Макпрогрес донира производи во меѓународната невладина организација за социјална заштита на децата – СОС Детско Село Македонија.
Вчера на 25.01 беше предадена едномесечна донација, каде претставниците од Макпрогрес нагласија дека приоритет на компанијата, како општествено одговорен субјект, е подобрување на условите и квалитетот на живеење на загрозените категории граѓани во Република Македонија.
Од својата широка гама на производи од брендовите Сончева Долина, Натура и Винчини во наредниот период ќе бидат донирани количини на пакувана храна што ќе ги задоволат 6 месечните потреби на децата, штитеници во овој комплекс.
“Како членови на Клубот на Пријатели на социјалниот центар СОС Детско Село, се грижиме за социјалната благосостјба на згрижените дечиња и со оваа донација сакаме да им овозможиме богата и разновидна трпеза во топлината на нивните домови и СОС семејства. Денес ги испорачавме количините храна и намирници за потребите на семејствата за период од еден месец, а активноста ќе продолжи и во следните 6 месеци. Се надеваме дека дечињата ќе уживаат во здрави и вкусно приготвени оброци и десерти“ – изјави Маја Цветанова, маркетинг менаџер во Макпрогрес Виница.
СОС Детско село Македонија е дел од големото семејство на меѓународната организација СОС Детски села интернационал. Главната дејност е насочена кон поддршка на деца без родители и родителска грижа, деца и семејства во социјални ризици, како и активности за застапување и лобирање за подобрување на квалитетот на грижа и превенцијата во полето на социјалната заштита. Во организацијата СОС Детско Село згрижени се деца добиваат можност да растат во заедница каде наоѓаат сигурност, љубов и топлина.