Посета на галерии и музеи како антистрес терапија

Најново истражување што го спроведе британската непрофитна организација Art Fund откри дека повеќето од вкупно 2.521 испитаник, повеќето посетувале музеи и галерии како антистрес терапија.

Истражувањето, чии резулати беа објавени во извештај насловен „Смирени и прибрани – Музеи и галерии: Неоткриениот ресурс за душевно здравје?“, покажа дека 63% од возрасните во Велика Британија „посетиле музеј или галерија како метод за да го намалат нивото на стрес“, но сепак само 6% од испитаниците редовно посетуваат музеј или галерија.

Оние кои редовно го прават тоа, рекле дека чувствуваат поголемо ниво на задоволност од животот во споредба со оние кои никогаш не биле во музеј или галерија, а исто така чувствуваат дека животот повеќе има смисла и дека тоа што го прават има вредност и значење.

Од оние испитаници кои рекле дека редовно посетуваат музеи и галерии, оние на возраст под 30 години два пати почесто го правеле тоа за да го намалат нивото на стрес.

Заклучоците од истражувањето придонесоа Art Fund да го почне проектот Under 30 National Art Pass со кој се овозможува попуст за луѓе помлади од 30 години за влезници во над 240 музеи, галерии и историски локалитети низ Велика Британија, како и попуст од 50% за влезници за специјални изложби.

Посетата на музеи и галерии докажано поволно влијае на душевната добросостојба на луѓето, како и на способноста да решаваат стандардизирани тестови и на зголемување на способноста за емпатија.

Translate »