Онлајн изложба на Горан Боев- сликар кој последнава деценија остави длабока трага на македонската ликовна сцена

loading...

Со цел достапност на уметноста за целата јавност, нејзино презентирање не само пред ограничен круг на публика, а во духот на новото време на дигитализација, реномираниот академскиот сликар Горан Боев во соработка со информативниот портал Радар.мк, се решија за онлајн изложба преку која ќе се презентираат селектирани дела од Боев.

Автентичната оригинална  уметност претставува  културно богатство на еден народ, таа е потврда за креативноста на уметниците од овие простори. Горан Боев дефинитивно е еден од нив! Исклучително продуктивен автор, академски сликар,  кој последнава деценија остава трага на македонската ликовна сцена, со својата оригиналност, мајсторство и вештина каква ретко се среќава. Горан остава силен впечаток со својот карактер и уметнички израз, буди ново искуство кај секој кој ќе се сретне со некое од неговите дела.

Во своите нови дела Боев експериментира со боите и формите, користи геометриските форми – квадрат, круг, триаголник, или кубизам лишен од било каков субјективизам, со цел да постигне драматичност и сензибилитет. Или како што наведува писателот Тодор Богев: Експресија и тотална слобода на уметникот во експериментирањето со боите и формите.

Следат избрани дела од последниот ликовен опус:

“Да се пробуваат разни техники и стилови е природно и препорачливо, за еден уметник. Да се инсистира на некаков стил или техника на работа со која уметникот формално би бил препознатлив и со тоа да се задоволи „ликовната” суета, е само по себе лимитирање на креативноста. Погрешно е по секоја цена да се инсистира на препознатливост и печат! Подобро е уметникот да биде разностран и креативен, отколку некаква своја „оригиналност” да ја затвори во медиокритетски рамки. Моите нови дела се резултат на пробување нешто ново, свое, одраз на мојата внатрешност”, смета Боев

Боев, вели дека уметничкото дело, еднаш изведено од раката на уметникот, продолжува да егзистира самото по себе и да сведочи за својата вредност, оставајќи му простор на рецепиентот самиот да ја дешифрира идејата, ја поттикнува неговата имагинација и желба самиот да го осознае нејзиното значење, притоа создавајќи мистичност, што придонесува кон уште поголема привлечност и взаемен флуид. Уметноста спојува, збогатува, провоцира, поттикнува и разгалува. Таа не познава граници, временски ограничувања, таа е над се, одраз на индивидуална перцепција на уметникот, на игрите од детството и комплексноста и одговорноста во зрелото доба, таа е измешано дело на свеста и подсвеста.

My beautiful picture


My beautiful picture

За авторот

Горан Боев, е родум од Кавадарци, магистрирал 2009 на ФЛУ под менторство на проф. Симон Шемов. Дипломец на ФЛУ Скопје во класата на Благоја Маневски, а во учебната 2004-2005 година е избран за најдобар студент и добитник на наградата „26 Јули-Франк Манинг”

Магистер на Факултетот за Ликовна Уметност.

„Почесен граѓанин” на град Кавадарци за своето уметничко творештво. Сликар кој изминативе неколку години ги црташе фреските во новиот параклис во комплексот на манастирот Свети Јован Бигорски

Работел и како асистент на Европскиот универзитет, на факултетот за Арт и дизајн-Скопје – предмет техники на цртање и техники на сликање. Член е на ДЛУМ.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Translate »