Нашиот парламент треба без оглед на изборните процедури, да се состане и да го круниса со успех тридеценискиот стремеж на генерации македонски граѓани
Во 2020 година Северна Македонија ќе стане полноправна членка на НАТО. За нас, комплетирањето на техничкиот процес за полноправно членство во Алијансата, последната ратификација од страна на шпанскиот парламент е приоритет, иако тоа не зависи директно од нас. Сега е потребно како држава да покажеме дека доколку од нашите сојузници бараме да бидат максимално посветени на завршувањето на интерните процедури, и ние дома знаеме да си ја завршиме нашата домашна задача. Нашиот парламент треба да биде подготвен, без оглед на изборните процедури, да се состане и да го круниса со успех тридеценискиот стремеж на генерации македонски граѓани.
Ова е пораката од вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска во интервју за МИА, во кое говори за сработеното во нејзиниот ресор, за предизвиците со кои се соочиле во одбраната, но и за приоритетите во новата 2020 година.
Таа најавува дека 2020-та ќе биде уште поинтензивна, но и година во која ќе се видат резултатите од сето она што е постигнато годинава.
Првиот предизвик, според неа, бил да се врати членството во НАТО на функционален колосек.
– Единаесет години чекавме ВМРО-ДПМНЕ да нè внесе во НАТО. Не успеаја. Сега, кога тоа го обезбедивме за само 2 години, повторно сакаат да ја блокираат државата. Изгледа дека за нив, „чмаењето“ во чекалницата на НАТО и на ЕУ е најдобро сценарио. Само така можат државата да ја држат заробена, преку стравот на сите граѓани и корупцијата на нивните функционери, вели Шекеринска.
Во таа насока додава дека двотретинското гласање за Законот за одбрана е гласање за НАТО, а блокадата на овој закон, смета, разјаснува зошто земјата 11 години стоеше во место. Затоа што ВМРО-ДПМНЕ вели дека е за НАТО и за ЕУ, а всушност е активно против. Наместо да гласа за Законот и со тоа да ја активира безбедносната заштита на најмоќниот воено-политички сојуз за својата држава, ВМРО-ДПМНЕ, потенцира, блокира.
Во интервјуто за МИА, Шекеринска говори и за зголемениот буџет на одбраната за 2020 година, што е скоро 100 проценти поголем од оној во 2017-та, за зголемените плати за 16 проценти, за професионалните војници кои од март ќе имаат над 30.000 денари – рекордно покачување од над 50 проценти, за само две години.
Кои беа најголемите успеси постигнати во ресорот во 2019 година?
Целата 2019 е пронижана со значајни датуми што ќе влезат во учебниците на историјата на нашата држава како најголеми успеси во реализација на тридецениската стратегиска цел број еден – членството на Северна Македонија во НАТО. До овие успеси доведоа политиката на оваа влада и реформските процеси во ресорот одбрана. Тие датуми се шести февруари, кога сите земји членки на НАТО го потпишаа Протоколот за пристапување на Северна Македонија во Алијансата, 8 февруари, кога беше изгласана првата ратификација на Протоколот, и сите следни 27 датуми на ратификување на овој протокол во парламентите на земјите членки на НАТО, состаноците на Северноатлантскиот совет на кои првпат јас и министерот за надворешни учествувавме како министри од Северна Македонија, на масата на НАТО, и на крајот 4 декември, кога знамето на нашата земја беше кренато на јарбол меѓу знамињата на припадниците на најмоќниот воено-политички сојуз во Лондон.
Овој успех не ни беше подарен, го одработивме. Требаше да ги промениме институциите и нивниот имиџ, да докажеме дека сме кредибилен партнер за НАТО. Во ресорот одбрана тоа значеше малку време за крупни чекори напред за да излеземе од 11-годишната стагнација, да го запреме и да го пренасочиме трендот на намалување на средствата за одбраната, да ги донесеме стратегиските документи што беа заборавени и да ја почнеме модернизацијата на Армијата. Поставивме амбициозна цел, дадовме збор дека ќе успееме и го одржавме зборот.
Пред сè, презедовме обврска до 2024 буџетот за одбраната да достигне до 2 проценти од БДП. Во 2017 тие средства беа околу 0,9 проценти од БДП, а во 2020 веќе доаѓаме до износот од 1,4 процент од БДП. Тоа се пари за нашата армија како армија на земја членка на НАТО. Звучи невозможно, но буџетот на одбраната за 2020 година е скоро 100 проценти поголем од оној во 2017-та. Тоа значи дупло повеќе пари за секој припадник на Армијата, за нивните услови за работа, за живот, опрема. И таа тенденција нема да се промени. Оваа година имавме зголемен буџет во однос на претходната, 2018-та, а за следната повторно е предвидено зголемување за цели 22 проценти, односно во вкупна сума нешто над 10 милијарди денари. Пари за Армијата!
Сега веќе не зборуваме дали Армијата има, на пример, соодветни чизми, дали има резервна опрема за возилата, дали има пневматици. Сега зборуваме за тоа до каде е процесот на набавка на борбени возила. Зборуваме за нови инженериски машини, кои не биле набавени цели 16 години. Зборуваме за зајакната киберзаштита. Зборуваме за поголеми плати, гарантирани права што произлегуваат од Колективниот договор, гарантирани надоместоци што влијаат на семејниот буџет на секој припадник на Армијата.
Припадниците на Армијата беа заборавени и на маргините. Нивните плати и права стагнираа. Ги зголемивме платите за 16 проценти, а со новиот закон воведовме фиксен месечен надоместок од дополнителни 7.000 денари. Професионалните војници кои имале месечни приходи од 20.000 денари, од март ќе имаат над 30.000 денари – рекордно покачување од над 50 проценти, за само 2 години.
Го изготвивме и новиот Закон за одбрана, како и измените во Законот за служба во Армијата, кои јасно покажуваат дека државата преминува во еден нов вид колективна одбрана во Алијансата. Повеќе не сме сами. Секој наш предизвик е предизвик на останатите 29 сојузници. Тоа е реалност што ние во оваа земја никогаш досега не сме ја живееле.
Со кои предизвици се соочивте, за кои имавте решенија, кои остануваат отворени?
Првиот предизвик беше да го вратиме членството во НАТО на функционален колосек. Да покажеме и дома и во НАТО дека нашиот збор важи и дека сме држава што знае што сака и каде оди. И успеавме.
Единаесет години чекавме ВМРО-ДПМНЕ да нè внесе во НАТО. Не успеаја. Сега, кога тоа го обезбедивме за само 2 години, повторно сакаат да ја блокираат државата. Изгледа дека за нив, „чмаењето“ во чекалницата на НАТО и на ЕУ е најдобро сценарио. Само така можат државата да ја држат заробена, преку стравот на сите граѓани и корупцијата на нивните функционери.
Тоа се гледа и при донесувањето на Законот за одбрана, за кој е потребно двотретинско мнозинство. По три декади нам сонот ни станува реалност, но опозицијата не само што тоа не може да го види туку и го блокира. Тоа е исклучително опасен чекор, кој ја открива намерата на ВМРО-ДПМНЕ да ги врати заробената држава, конфликтите и бесперспективноста. Гласањето за Законот за одбрана е гласање за НАТО, а блокадата на овој закон разјаснува зошто земјата 11 години стоеше во место. Затоа што ВМРО-ДПМНЕ вели дека е за НАТО и за ЕУ, а всушност е активно против. Наместо да гласа за Законот и со тоа да ја активира безбедносната заштита на најмоќниот воено-политички сојуз за својата држава, ВМРО-ДПМНЕ блокира. Кога веќе го одработивме членството во НАТО, крајно време е пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да го надминат политичкото калкулантство и да покажат основен патриотизам.
Вториот предизвик беше мотивацијата на Армијата по 11-годишна запоставеност. Практично никој не веруваше дека ќе ги зголемиме платите за 10 проценти на почетокот на минатата година, а уште помалку веруваше дека годинава ќе следува уште едно покачување. Никој не веруваше дека конечно ќе го решиме станбеното прашање и ќе предложиме законски измени со кои сите припадници на Армијата, освен оние што веќе имаат добиено стан од претходната Армија, што е исклучително мал број, ќе добијат месечен надоместок од 7.000 денари. Никој не веруваше дека ќе обезбедиме поповолни услови за пензионирање на припадниците на Армијата. Никој не помислуваше дека со новиот Закон за служба дополнително ќе ги зголемиме платите на цивилите во Армијата, кои беа под секој минимум. Никој не веруваше дека по 16 години ќе набавиме нови инженериски машини, но, ете, првиот дел од тие машини е веќе во наши раце и армиските инженерци веќе ги користат. Никој не веруваше…, ама покажавме дека за НАТО и одбраната, зборот е збор.
Затоа, овој голем предизвик доби едноставно решение. Конечно, припадниците на Армијата видоа дека тоа што го најавуваме, го реализираме и драго ми е што тоа го зголемува и притисокот кон нас да бидеме уште поамбициозни. Да направиме сè за Армијата, која беше првиот и најдобар претставник на својата земја во соработката со НАТО-парнерите и ја заработи својата сојузничка позиција во Алијансата.
Кои се приоритетите на кои треба да се стави фокусот во 2020 година?
Две илјади и дваесетта е годината кога Северна Македонија ќе стане полноправна членка на НАТО. За нас, комплетирањето на техничкиот процес за полноправно членство во Алијансата, последната ратификација од страна на шпанскиот парламент е приоритет, иако тоа не зависи директно од нас. Но, од нас зависи да покажеме дека сме кредибилен сојузник. Сега е потребно како држава да покажеме дека доколку од нашите сојузници бараме да бидат максимално посветени на завршувањето на интерните процедури, и ние дома знаеме да си ја завршиме нашата домашна задача. Нашиот парламент треба да биде подготвен, без оглед на изборните процедури, да се состане и да го круниса со успех тридеценискиот стремеж на генерации македонски граѓани.
Две илјади и дваесетта е година во која ќе треба да бидеме подготвени и да го искористиме правото на глас во Алијансата што, освен придобивки, со себе носи и одговорност.
Две илјади и дваесетта ќе биде година во која Армијата ќе продолжи со модернизацијата, и тоа во неколку области. Очекуваме да продолжи процесот за набавка на нови возила наменети за Лесната пешадиска баталјонска група, а ќе ги добиеме и останатите инженериски машини за кои веќе имаме потпишано договори.
Јас сум човек кој смета дека секогаш можеме подобро и затоа ќе продолжиме да работиме и на полето на транспарентноста и отчетноста, што е основа за секоја вистинска демократија. Минатата година Министерството беше едно од трите најдобри институции според индексот за активна транспарентност и во врвот на листата според транспарентност во јавните набавки. Ќе бидеме уште подобри!
Ќе работиме и на заштитата од вознемирување, зашто армиската средина мора да биде посакувана и праведна за сите, и жени и мажи. Ќе продолжиме да ја подмладуваме Армијата со нови, млади, мотивирани граѓани, а ќе работиме и на подобрување на нивните услови за работа, што се гледа и преку предложениот буџет за 2020 година, каде што за реконструкција на објекти и инфраструктура имаме предвидено трипати повеќе средства од 2019-та.
Во 2020 година, Куманово ќе стане домаќин на СЕЕБРИГ – Бригадата на Југоисточна Европа, а во штипската касарна ќе продолжиме со формирањето на Лесната пешадиска баталјонска група, нашиот главен НАТО-ресурс.
Две илјади и дваесетта ќе биде уште поинтензивна, но ќе биде и година во која ќе се видат резултатите од сето она што го постигнавме оваа година. Граѓаните можат да бидат спокојни – влегуваме во безбедна, сојузничка, економски посилна 2020