СДСМ: За првпат во историјата просечната нето плата е над 24.000 денари
Просечната нето плата за првпат во историјата изнесува повеќе од 24.000 денари, истакна СДСМ преку соопштение, повикувајќи се на официјалните податоци објавени од страна на Државниот завод за статистика.
„Според официјалните податоци објавени од Државниот завод за статистика, просечната нето плата во јануари оваа година изнесува 24.025 денари, што е за 5,6 отсто повисока во споредба со истиот месец од 2017 година кога таа изнесувала 22.750 денари. Воедно, ова е најголем раст на платите од 2010 година до денес. Зголемувањето на минималната плата којашто сега за сите работници изнесува 12.000 денари ја откочи спиралата на раст на плати, а раздвижувањето на економијата дава реално видливи резултати“, објави СДСМ.
Според партијата на власт, ова е уште еден во низата показатели што ги потврдува успешните економски политики на Владата предводена од СДСМ и докажува дека економијата се движи во позитивна насока.
СДСМ додава дека Владата продолжува со спроведување на Планот за економски раст и мерките што обезбедуваат нови работни места, поголема помош за претпријатијата, повисоки плати, економски раст и повисок животен стандард за сите граѓани.