Децата од Специјална олимпијада им правеа интервју на Перо Антиќ и Кире Лазаров

ТВ проект „Горди на себе“, во кој атлетите од Специјалната олимпијада ја играа улогата на новинари и правеа ТВ интервјуа со македонските спортски ѕвезди заврши успешно.

Петте епизоди во кои соговорници беа кошаркарот Перо Антиќ, кошаркарката Едина Муса, ракометарот Кире Лазаров, фудбалерката Наташа Андонова и пливачот Евгениј Поп Ацев предизвикаа огромен интерес во јавноста, особено што дел од спортските ѕвезди воопшто или ретко даваат интервјуа за домашните медиуми.

 

Директно пред ракометното првенство атлетите на Специјална олимпијада имаа можност да присуствуваат на тренинг на Македонската ракометна репрезентација и да направат интервју со Кире Лазаров, по кое тој изјави:

„Браво. Прекрасен прилог и прекрасно искуство“ – по што го сподели видеото на својата Фејзбук фан страница.

Перо Антиќ, кој подолго време нема дадено интервју за домашни медиуми, во знак на благодарност за одличното направеното интервју и подготвените атлети – новинари на Специјална олимијада им подари кошаркарски дресови, по што закажаа Јунифајд кошаркарски меч за на пролет „Ќе ми биде задоволство да играм со вас, кошаркари со олимписко сребро“ – рече Антиќ.

„ Сум снимала повеќе емисии и ТВ проекти но, ова искуство ќе го издвојам како мое омилено. Навистина уживав“ – истакна Едина Муса.

ТВ сториите се емитуваa во рамки на утринската програма на МТВ „Македонија наутро“ а, атлетите на Специјална олимпијада Македонија, со своите соговорници разговараа на теми како кариера, спорт, патувања, предрасуди и низ интервјуата ги претставија своите можности и вештини.

„Горди на себе“ги смести спортските ѕвезди и ѕвездите на Специјална олимпијада на еднаков ранг, оддавајќи им признание за вложениот труд, откажувањата и успесите.

„Со овој ТВ проект сакавме да ја сензибилизираме пошироката јавност за лицата со интелектуална попреченост, а воедно да им даде поддршка со нивно прикажување во јавност, не кои се, туку што можат. Воедно ќе ги поддржуваме во нивните спортски подвизи бидејќи тој е каналот за инклузија во заедницата“ – истакна Ана Петровска претседателка на Специјална олимпијада Македонија.

 

Ова се линковите од ТВ епизодите на „Горди на себе“:

https://www.youtube.com/watch?v=HFJKyl_ho0

https://www.youtube.com/watch?v=bgMEcNckvF8

https://www.youtube.com/watch?v=aJNO2hEEos4

https://www.youtube.com/watch?v=XHXi6P_KaYE

https://www.youtube.com/watch?v=ps_sfIyLDWE

 

Реализацијата на „Горди на себе“ е на здружението „Специјална олимпијада Макеоднија“ како добитници на гранд преку проектот „Медиумска писменост во ера на наплив на информации: Коалиција за медиумска писменост”, што го спроведува Високата школа за новинарство и за односи со јавноста во соработка со Институтот за различности во медиумите од Лондон и весникот „Нова Македонија“ со финансиска поддршка од Европската Унија.

 

 

Translate »