Славниот Холандски фудбалер Марко Ван Бастен во Скопје:
Делегации на УЕФА и ФИФА од утре ќе бидат гости на Фудбалската федерација на Македонија на официјалното отворање на новиот капитален проект во рамките на комплексот „Куќа на фудбалот“.
Дел од делегацијата на неколкудневната посета во Скопје ќе биде и легендата на холандскиот фудбал, Марко Ван Бастен сега во улога на технички директор на ФИФА. Добро е познато дека УЕФА и ФИФА преку своите развојни програми дадоа силна поддршка на активностите на Фудбалската федерација на Македонија од изминатиов период за создавање максимални услови за развој на фудбалската игра во земјава.
Покрај Ван Бастен, гости на претседателот на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски, како што е познато од претходно ќе биде и претседателот на УЕФА, Словенецот Александар Чеферин како и директорот на одделот за национални асоцијации при УЕФА, Зоран Лаковиќ.
ФФМ во четврток официјално ќе го пушти сместувачкиот комплекс во рамките на „Куќата на фудбалот“ кој е со капацитет од 30 двокреветни соби, плус апартмани за селекторите и стручните тимови, како и заеднички простории – сала за состаноци, училници и заедничка кујна и трпезарија. Сето тоа како неопходна поддршка пред се за младинската академија на ФФМ и сите младински национални селекции.