Азески: Само со локален економски развој може да има долгорочен развој во целата земја

Крива Паланка, 25 април 2018 (МИА) – Да се искористат спецификите и потенцијалите на локалните средини и да се применат проекциите за прогрес и раст во економијата од пет до седум отсто. Тоа ќе се постигне со градење милје во кое свое место подеднакво ќе имаат и локалната самоуправа и бизнис заедницата и државата, рече на синоќешната средба со стопанствениците во Крива Паланка претседателот на Стопанска комора на Македонија Бранко Азески.

На средбата што ја иницира градоначалникот Борјанчо Мицевски е договорено да се формира општинскиот сојуз на стопанственици како правен субјект за јакнење на капацитетите на бизнис секторот во општината, а првите обуки треба да се одржат идниот месец.

Според Азески, клучно е и едуцирањето соодветен кадар за потребите на бизнис секторот, но и решавање на прашањето со гасот. Државата, рече претседателот на Комората, треба да се фокусира и на искористување на европските фондови, особено на регионалните.

– Проблемите во стопанството во речиси целата држава се исти, но треба да се посвети внимание на општините кои се подалеку од главниот град. Стопанската комора ги лоцира сите проблеми со кои се соочуваат стопанствениците и ги пренесува со понудени решенија до Владата. Со премиер кој е од бизнис фелата и потпретседател на Влада кој доаѓа од Комората, можеме да направиме чекор напред, Владата да ги поддржи малите компании со расположливите средства од буџетот наменети за стопанството, истакна Азески.

Градоначалникот Мицевски рече дека со општинскиот сојуз што треба да се формира ќе се пристапи кон изработка на стратегија за локален економски развој со акцент на бизнис секторот, а договорено е и отворање канцеларија во рамки на локалната самоуправа чиј кадар ќе биде линк меѓу Комората и стопанствениците од општината.

Translate »