Македонија рангирана на 109- то место во Извештајот за слобода на медиумите
Македонија е рангирана на 109-то место во најновиот Извештај за слобода на медиумите на Репортери без граници, што е напредок за две места во споредба со минатата година кога беше на 111-та.
Во извештајот се наведува дека „систематските напади на слободата на медиумите била констатна појава за време на децениското владеење на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ, кое конечно заврши со изборот на новата влада во јуни 2017 година“.
– За време на десетгодишното владеење, Груевски воспостави ниво на контрола врз медиумите што не можеше да се спореди со ниедна друга балканска земја, а многу опозициски медиуми мораа да згаснат – се вели во Извештајот .
Репортери без граници оценува дека Јавниот радио-телевизиски сервис „се уште е во служба на ВМРО-ДПМНЕ“.
– Падот на режимот на Груевски доведе до намалување на владината контрола врз медиумите, но се уште е рано со сигурност да се оценат владините намери да создаде трајно подобрување на ситуацијата. Нема значителни промени во економската ситуација на новинарите во Македонија кои се слабо платени, а работните места не им се сигурни – стои во Извештајот.
Од земјите во регионот, најслободни медиуми има во Словенија која е на 32. место, Босна и Херцеговина е 62., Хрватска 68, Грција 74, Албанија е 75, Србија 76, Косово 78, Црна Гора 103-та, а Бугарија е на 111. место.
Во светот најслободни медиуми има во Норвешка, Шведска и Холандија, а слободата на медиумите е најзагрозена во Туркменистан, Северна Кореја и Еритреја.