Се најaвува нов закон за абортус, ќе се почитува волјата на жената

Нов закон за прекин на бременоста, со кој на жената и се дава можност за слободен избор за абортус до 12-та недела во консултација со матичниот гинеколог, е во подготовка, соопшти министерот за здравство Венко Филипче. Слободен избор за прекин на бременоста жената ќе има и до 22 гестациска недела од бременоста, со оценка на комисија составена од двајца гинеколози и еден социјален работник, рече Филипче на стручниот симпозиум на тема „Вродени аномалии – предизвици, дилеми и третман“ во организација на Македонското лекарско друштво.

фото:МИА

„По наполнување на 22 гестациска недела, ќе се формира посебна стручна комисија која ќе треба да направи проценка за одобрување прекин на бременоста. Таа комисија, освен гинеколози и акушери, ќе биде составена и од специјалист од детска хирургија, детска кардиологија, кардиохирургија, неврохирургија, анестезиологија и социјален работник. Во случај на вродена аномалија кај плодот, жената има право да ја прекине бременоста врз основа на мислење од овие специјалисти. Одлуката за прекин на бременоста е право на жената и тоа никој не може да и го одземе“, рече Филипче.

Тој изјави дека направиле неколку измени во законот, усогласени се со Министерството за труд и социјална политика и во постојана комуникација се со работната група составена од гинеколози и други експерти кои имаат стручна улога во процесот на абортус.

„Тоа што е ново, што го немаше во досегашниот закон, е што волјата на жената ја ставаме на прво место во овој период. Драфт верзијата на законот е подготвена и потребна е уште една финална консултација со сите кои се заинтересирани за промена на законот, со стручните лица од Клиниката за гинекологија и акушерство, МТСП и невладините организации“, рече Филипче.

 

Translate »