Хуманитарна акција на Амбасадата на САД за загрозените семејства

На 12 септември, Амбасадата на САД ќе организира крводарителна акција и акција за собирање на прехрамбени продукти и облека за да го одбележи Националниот ден на служба и сеќавање во соработка со Црвениот крст на град Скопје и со Институтот за трансфузиологија.

Заинтересираните дарители на крв, конзервирана храна и зачувана облека ќе можат да го сторат тоа во Амбасадата на САД од 9:00 – 16:00 часот. Амбасадорот Џес Бејли ќе им се обрати на присутните во 11:00 часот, заедно со генералниот секретар на Црвениот крст, Саит Саити, и директорот на Институтот за трансфузиологија, др. Кочо Димитровски.

Преку оваа акција на служење на заедницата, донаторите ќе му помогнат на Црвениот крст да ги надополни резервите на крв и да обезбеди храна и облека за загрозените семејства за претстојната зима.

Националниот ден на служба и сеќавање започна во 2002 година во чест на жртвите, преживеаните и сите оние кои помогнаа во справувањето со последиците од нападите на 11 септември. Во 2009, Конгресот на САД усвои сојузен закон, подржан од двете партии, со што го прогласи 11 септември за Национален ден на служба и сеќавање.

Translate »