Хан :Македонија и Албанија ќе докажат дека нема место за скептицизам во ЕУ за почеток на преговорите

Европската комисија веднаш ги почнува подготовките за скрининг процесот за Македонија и Албанија кои добија условен датум за почнување на преговорите во средината на идната година, вели еврокомесарот за проширување Јоханес Хан во интервју за Радио Слободна Европа.

Еврокомесарот Хан вели дека со одлуката на Советот за општи работи Комисијата има зелено светло да ги почне подготовките со цел да започнат официјално преговорите кон средината на идната година.

– Тоа треба да води кон Меѓувладината конференција на која би требало до крајот на идната година да бидат отворени првите поглавја, посочува Хан.

Во врска со тоа дали е тој сигурен дека тоа ќе се случи во јуни 2019 година и оти ниту една членка не ќе може да го запре тој процес, Хан вели дека скринингот зависи од ЕК и тоа е многу сеопфатна задача и работа.

– Според моите луѓе, тоа се повеќе од сто конференции каде што треба да се анализираат сите различни елементи. Тоа е предизвик за владите, особено администрацијата и ние ја имаме таа амбициозна цел, наведува Хан.

Запрашан за тоа каква порака им се испраќа на Скопје и Тирана со ваквиот условен датум за преговори, Хан вели дека „граѓаните на идната Северна Македонија и граѓаните на Албанија на ова треба да гледаат од многу позитивна перспектива“.

– Не би сакал да кажам половина полна чаша, туку скоро 90 проценти полна чаша дека огромно мнозинство од земјите членки ги препознаа сите нивни достигнувања и треба да се сфати дека ова е многу силна посветеност од политичките лидери, исто така и од граѓаните за решенеоста во врска со нивната европска перспектива. И ова е добра можност да се уверат трите членки оти нивниот поскептичен поглед кон овие земји не е оправдан, вели Хан.

На граѓаните им порачува дека треба да се гледа во суштината и не само што сега е договорено, туку и што треба да се направи.

– Како што претходно реков, сега имаме задача веднаш да почнеме со подготовителната работа. Се надевам нема да губиме време, нема да чекаме до есен да ја почнеме работата, истакнува Хан.

Еврокомесарот, чиј мандат како комесар за проширување истекува во 2019 година, на прашањето како може да осигура дека тоа навистина ќе се случи поради промената во Брисел, наведува дека станува збор за преговори меѓу институциите.

– Најпрвин тоа се преговори меѓу институциите. Секако тие се водени од луѓе, но мислам ќе сториме се во ова предизвикувачка временска рамка. Секако би сакал да го завршам она што го почнав во почетокот на мојот мандат и да се добие зелено светло за време на мојот мандат. Секако во ова инвестирав многу и многу сум мотивиран да успеам, но уште еднаш станува збор за соработка и работа меѓу институции,  наведува еврокомесарот Јоханес Хан.

Translate »