Мицотакис: Ципрас и Каменос признаа македонска националност и јазик
Лидерот на Нова демократија, Кирјакос Мицотакис вели дека премиерот Алексис Ципрас и министерот за одбрана, Панос Каменос, пред три седмици во Преспа признаа македонска националност и јазик за Скопје, a денес во Брисел ја отвораат вратата за интеграција во НАТО.
Рече дека коалициските партнери во Владата носат тешка одговорност и „народот наскоро ќе им суди“.
Во изјавата посветена на самитот на НАТО, тој упатува остри критики и обвинувања до Владата на Ципрас и Каменос во однос на поканата за Македонија за членство во Северно атлантската алијанса.
„Денес во Брисел, господата Ципрас и Каменос на соседната држава Скопје и ја отвораат вратата за интеграција во НАТО. Така, го предаваат најсилното преговарачко оружје што го имаше Грција и беше национална линија во последните 27 години“ – вели Мицотакис.
Мицотакис ги обвинува Ципрас и Каменос дека пред три седмици во Преспа ги признале наводните македонска националност и јазик за Скопје и покрај апсолутната спротивставеност на граѓаните.