Дали Трајко Вељановски е виновен за настаните на 27 април! Како тој се брани?
Со молчење поранешниот претседател на собранието Трајко Вељаноски се бранел и пред обвинителството, дознава 1ТВ. За одбраната, пак, Вељаноски инсистирал да ги види доказите за собраниските инциденти. Тој е осомничен нарачател за крвавиот упад во законодавниот дом од 27 април 2017 година.
Вештачењето на телефонот, покажува дека Вељаноски имал комуникации со поранешниот премиер Никола Груевски за време на крвавиот четврток и ден претходно. Од судењата за собраниските инциденти произлезе дека Вељаноски наредил неговата канцеларија да биде чувана и да се мобилизира членството, откако Талат Џафери беше прогласен за претседател на собранието.
Не е првпат Вељаноски да биде повикан на распит. За кривичното дело терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста беше во кривичниот суд во февруари.
Тогаш, не беше испрашан поради пратеничкиот имунитет.
Собранието подоцна не успеа да му го симна имунитетот и Вељаноски засега е слободен човек.
Поинаку е за осомничените ексминистри Спиро Рисовски и Миле Јанкиески, едниот е зад решетки, другиот притворот го извршува дома.
Груевски и ексначалникот во УБК Никола Бошкоски не се достапни за органите на прогонот, обвинителството очекува да бидат екстрадирани во земјава за кривичното дело терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.