Лазе Велковски разрешен, Бесир Дехари привремено решение
Лазе Велковски и официјално е разрешен од директорското место во Бирото за јавна безбедност. Одлуката ја донесе Владата на денешната седница. Негов наследник не е именуван и засега е неизвесно кој ќе ја наследи една од трите клучни позиции во МВР. До тогаш БЈБ ќе го води заменикот Бесир Дехари.
Новиот директор на БЈБ треба да го предложи министерот за внатрешни, кој беше иницијатор на разрешувањето на Велковски. Спасовски одлучи да побара првиот човек на БЈБ да биде тргнат од функција откако во јавноста протече скандалот со полицискиот џип „Ренџ Ровер “ кој беше снимен на грчки автопат, но и на летувалиштето „Евридики“.
Прво МВР негираше дека имало злоупотреба на државните ресурси, но потоа беше објавен извештај од внатрешна контрола во кој е констатирано дека во службениот џип се превезувала ќерката на Велковски. Тој сам направил проценка оти безбедноста на ќерка му е загрозена и треба да патува со полициско возило, но за одлуката немал решение. Велковски работи 27 години во МВР и кариерата ја поминал и во Агенцијата за разузнавање, а по разрешувањето премиерот најави дека ќе го задржат во МВР.
Велковски го водеше Бирото за јавна безбедност 1 година, и дојде како наследник на Митко Чавков.
Има претпоставки дека нов директор ќе биде некој од посебните специјални единици на МВР или УБК, се споменува началникот од 6-та Управа, Сашо Тасевски, советникот на премиерот, Миле Зечевиќ, пензионираниот началник Зоран Јовановски-Челикот. Опозицијата го оцени овој скандал како голема злоупотреба на службените ресурси и побара проширување на одговорноста и оставка од министерот Оливер Спасовски. Иако Заев ја отфрли можноста, во јавноста се шпекулира дека во позадина на овој скандал има внатрепартиска пресметка на две крила во СДСМ.