Почна судењето за набавката на мерцедесот
Во Кривичниот суд во Скопје денеска започна судењето на поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, која е една од обвинетите во предметот „Тенк“.
Во судницата присутна е обвинетата Јанкулоска, а претседателка на Судечкиот совет е судијката Добрила Кацарска.
СЈО предложи на Јанкулоска, а судот прифати да и се суди посебно, откако адвокатите претходно приложија медицинска документација за отворено лекарско боледување поради бременоста.
Кацарска за септември закажа 11 рочишта за овој предмет.
Случајот „Тенк“ на Специјалното јавно обвинтелство се однесува за набавката на луксузниот „мерцедес“ вреден 600 илјади евра.
За истиот предмет, експремиерот Никола Груевски доби казна затвор од 2 години, а второобвинетиот Ѓоко Поповски, доби 6,6 години затвор.
Апелација утре ќе одлучува за жалбата на Груевски за овој предмет.
Јанкулоска е обвинета за злоупотреба на службената положба и овластување како поттикнувач. За ова кривично дело на поранешната министерка и се заканува казна затвор од најмалку 5 години.
Според обвинението, Јанкулоска за да го исполни барањето на Никола Груевски, со умисла го поттикнала обвинетиот Ѓоко Поповски да стори кривично дело.