Бошковски: Се враќаат спомени од едно многу тешко време

Верувам дека конечно во Македонија се враќа правната држава, што беше изгубена изминатите години. Верувам во судот и  верувам дека конечно за сите оние кои беа неправедно обвинети и осудени ќе им се обноват постапките и вистината конечно ќе победи, изјави лидерот на „Обединети за Македонија“ и поранешен министер за внатрешни работи Љубе Бошкоски по завршувањето на денешното рочиште за предметот на СЈО „Тортура“.

Тој посочи дека стуацијата сега е променета и неговите прогонители се прогонувани од Обвинителството за делата за кои, како што рече, е сигурен дека ги направиле.

– Ситуацијата е многу тешка и многу емотивна, бидејќи се враќаат спомени од едно многу тешко време, од времето на заробената македонска држава кога тортура се вршеше на сите оние кои поинаку мислеа од еден човек во државата, рече Бошкоски.

Тој на денешното судење сведочеше за неговото апсење на 6 јуни 2011 година од полициските „Алфи“ во близина на ресторанот „Воденица“, а беше вкрстено испрашуван од адвокатите на обвинетите во „Тортура“.

Тортура

Адвокатот на првообвинетиот Сашо Мијалков, Љупчо Шврговски од судот побара Бошкоски, покрај вкрстено, на следното рочиште да биде и директно испрашан.

На ова барање се спротивставија обвинителите на СЈО и адвокатот на Бошкоски, Константин Картовалиев, кој од судот побара да се имаат во предвид правата на жртвата, затоа што овој предмет има сублимација на личноста жртва – сведок.

Тие предложија на денешното рочиште да се заврши целосното испитување на Бошкоски бидејќи, како што рекоа, со секое доаѓање во судот оштетениот се потсетува на немилиот настан.

Судијката Александра Ристеска го прифати барањето на адвокатите на обвинетите денеска да не го испитуваат директно Бошкоски, туку на друго рочиште.

Одговарајќи на прашање од обвинителот на СЈО Љубомир Лапе, Бошкоски рече дека на 6 јуни 2011 година, ден по парламентарните избори, бил повикан од негов пријател во ресторанот „Воденица“ за да решат должничко-доверителски односи што ги имале од претходно. Кога го завршил разговорот со тоа лице, кого, како што рече Бошкоски, го сметал за пријаел, со него носел кеса со пари што не ги броел, иако биле изложени пред него, излегол и тргнал кон автомобилот на паркингот.

– Само што излегов слушнав како некој вика стој полиција. Некои од полицајците носеа капи фантомки. Почнаа да викаат легнете го ѓубрето и во еден момент ме легнаа на асфалтот како најголем криминалец, рече Бошкоски.

Додаде дека при апсењето не давал отпор. Од полицајците слушнал дека ова му е поздрав од шефот и дека не му бегаат седум-осум години затвор.

Бошкоски, како што рече, тогаш кажал „знам дека ме намести твојот шеф Саша.

– Некој рече да не се спомнува името Саша, туку шеф, издигнувајќи го како библиска личност, затоа што во Библијата стои „не го споменува залудно Бога“, рече Бошкоски.

Тортура

По ова, како што раскажа Бошкоски, го однеле во полициската станица Автокоманда, но по кусо време го вратиле пак на местото каде што го апселе, бидејќи не го снимиле сите телевизии. Тука, како што додаде го повториле апсењето.

Според него апсењето било политички реваншизам што произлегол од неговите јавни настапи по напуштањето на партијата ВМРО-ДПМНЕ и формирањето на Обединети за Македонија.

Оштетениот Бошкоски рече дека ќе бара обвинетите кривично да одговараат, а за оштетното побарување ќе се изјасни во текот на постапката.

Судењето продолжува в петок, на 7 септември со доказна постапка и изведување на материјалните докази. Судијката Ристеска за „Тортура“ закажа рочишта и на 20 септември и на 3 октомври.

Во „Тортура“ за апсењето на Бошкоски обвинети поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, поранешниот прв човек на единицата „Алфи” Ивица Антевски – Пуки и уште петмина припадници на единицата.

Translate »