Софија го блокира договорот на Скопје со Фронтекс поради македонскиот јазик
Бугарија е единствената земја што го блокира потпишувањето на важниот договор за управување со границите помеѓу С. Македонија и европската безбедносна служба Фронтекс, а според софиски „Дневник“ проблемот е во начинот на кој нашата земја го означува својот јазик. Ова за весникот го потврдил портпарол на Европската комисија.
Станува збор за договор, кој Фронтекс го започнал во јули 2018 година и кој им овозможува на Европската служба за гранична и крајбрежна стража да спроведе заеднички операции и да ги распореди своите тимови во граничните региони на ЕУ за справување со илегалната миграција (со ненадејни промени во миграциските текови) и прекуграничен криминал и, доколку е потребно, да се обезбеди техничка и оперативна помош за националните гранични сили.
„Договорот со Фронтекс е втората тема за која Бугарија поставува пречка за Македонија на европско ниво. Првата е почетокот на преговорите на Скопје со ЕУ, условен со напредокот во однос на спорните прашања од историјата, употребата на „македонскиот јазик“ и теми како што е македонското малцинство кое Северна Македонија има обврска да не го промовира и поддржува според Договорот за добрососедство. Во рамковната позиција на Бугарија се бара С. Македонија да се воздржи од употребата на изразот „македонски јазик“, чие постоење Софија не го признава“, пишува бугарскиот весник.
Во текстот уште се додава дека основното барање на Софија до Скопје е придржување кон Договорот за добрососедство но, иако позицијата на Бугарија за македонскиот јазик е позната е со години непроменета, тој не е дел од Договорот.
Темата добива видливост непосредно пред редовниот годишен министерски состанок помеѓу ЕУ и Западен Балкан, кој преку видео конференција ќе се одржи денеска, со учество на еврокомесарите за правда и за внатрешни работи, Дидие Рејндерс и Илва Јохансон. Состанокот се смета за исклучително важен во однос на миграциските прашања, ако се има предвид дека рутата на Западен Балкан беше главна влезна точка за повеќе од 1 милион мигранти во 2015 година. Северна Македонија и Србија на почетокот беа важна алка во синџирот, додека Црна Гора стана дел од мигрантскиот пат малку подоцна.
МИА завчера објави дека Северна Македонија „не може да го финализира договорот со Европската Унија за гранично управување, поради билатералниот спор со Бугарија“ и пренесе изјава на еврокомесарката за внатрешни работи, Илва Јохансон, дека таа работи на случајот.
„Се надевам дека ќе го склучиме договорот за Фронтекс со Северна Македонија што е можно побрзо. Го отворив ова прашање со премиерот на Бугарија за да можеме да напредуваме затоа што е многу важно“, изјавил Јохансон за МИА.