Јовановски: Работниот ден на еден контролор е возбудлив
Јовица Јовановски, контролор на летање со 20 годишно искуство во Македонија и во Швајцарија. И на двете работни места работи како инструктор по контрола на летање и како обласен контролор. Како еден од најискусните во тимот, има и свое видување за оваа професија, но и совети за потенцијалните контролори.
Како и во сите модерни професии, стресот е присутен и во нашата. Самиот начин на работа, одговорноста на професијата, динамиката и ситуациите кои секој ден носат нов предизвик, носат одредена доза на стрес. Но, поради флексибилното работно време, и законски ограничениот број на работни часови во текот на неделата, останува доволно слободно време за рекреација, разонода и за одмор. Со оваа работа кога ќе заврши работното време завршуваат и вашите работни обврски и можете своето слободно време да си го посветите себе си и на своите блиски. Како заклучок, можам да кажам дека стресот постои, но е занемарлив поради добрите работни услови кои постојат кај нас, а пред сè поради слободното време помеѓу ротациите на работа, кое овозможува потполна регенерација како на физичко, така и на ментално ниво.
Не е како во филмовите
Филмовите се скриптирани, режирани за да привлечат поголема гледаност и да остварат поголем профит, важна е сензационалноста. Во реалноста работите се сосем различни, сè се одвива по однапред зададени правила и со многу помалку драматика отколку на филмското платно. Воздушниот сообраќај е регулиран и испланиран однапред и остава многу малку простор за драматични и бурни ситуации.
Не постојат проблеми, туку солуции
Често се случува пилотите да имаат најразлични барања, најчесто за промена на висината на летот, за летање до одредена точка, за кратенка и т.н. Таквите барања знаат да генерираат ситуација која што може да биде комплексна, но за истата секогаш постојат неколку решенија, а најчесто го применуваме она кое е наједноставно.
Лошите временски услови можат да го направат работниот ден исцрпувачки
Авионите се конструирани да бидат отпорни на временските услови, но очигледно некогаш треба да се справиме и со вондредни временски услови. Пилотите не сакаат да летаат низ облаци во бура или невреме, па покрај стандардните маршрути, при отежнати метеоролошки услови ги пренасочуваме околу метереолошките појави на најбезбеден можен начин. Турбуленциите не претставуваат проблем за авионот, но го нарушуваат комфорот на патниците и најчесто тој проблем го решаваме со промена на нивото на летот на авионот.
Првиот работен ден како контролор е прилично возбудлив
Првиот пат кога оперирате од својата лиценца е малку поинаков, бидејќи „над вас ја нема заштитната мрежа на вашиот инструктор“. Но од практична гледна точка тој ден не се разликува од претходните во обуката. Веќе се чувствувате подготвени за улогата со сите изострени сетила и извежбана смиреност.
Ограничено време за одлуки
Текот на воздушниот сообраќај и одлуките кои се носат за најбезбедно и експедитивно водење на истиот не се базираат на одлуки во дел од секундата. Постои доволно долг временски период пред воздухопловот да влезе во нашата зона на надлежност и истиот адекватно да се испланира. Секогаш работиме во тим, едниот извршител го планира сообраќајот а другиот непосредно ги раководи воздухопловите според планот. Не се остава простор за стихијни одлуки.
Паузите во денот се исклучително важни
На работното место поминуваме околу 2 часа, а потоа во зависност од сезоната следи пауза која изнесува минимум 30 минути но може да се пролонгира до 2 часа. Обично тоа е време кога можете да се исклучите од она што го работите. Врмето за одмор е време без одговорности. Добра книга, по некое списание или интересен разговор со колегите го прават ова време многу пријатно.
Денот завршува кога завршува работното време
Откако ќе ми заврши смената, завршено е. Нема дополнителни работи за коишто треба да се грижите. Ја предавате позицијата на следниот контролор, си го земате палтото и си одите дома.
Патувањето со воздухоплов е многу позабавно кога сте контролор во авио-сообраќајот
Работејќи во самата авио-индустрија патувањето со воздухоплов се доживува на друг начин. Секогаш знаете со кој тип на воздухоплов патувате, по која рута и што се случува. Лично, патувањата во кокпитот се најзабавни и најкорисни професионално, тоа е можност да се види и „другата страна на медалот“. Многу од нас се и големи ентузијасти во областа на авијацијата, така да секој лет само повеќе го збогатува знаењето и го зголемува интересот.
Професијата контролор на летање е една од најбараните професии во светот. Професија која носи многу предизвици и возбуда, и која обезбедува надпросечна плата. И дека е сето тоа така можете да се уверите само доколку и вие станете еден ден дел од нашиот тим. А тој ден и не е толку далеку. Процесот за избор на контролори е во тек, и можеби токму Вие сте соодветниот кандидат. Целиот процес на селекција се одвива во три фази. Првата фаза е тест за просторна ориентација, втората фаза се тестови за ментална агилност, проследени со тестови за одредување на личноста и оценка на реакциите во одредена ситуацијата. Втората, покомплексна фаза, веќе се однесува на материјалот насочен кон контролата на летање. Третата фаза е целосно интервју и групна вежба за да се види како работите во тим. На следниов линк се подеталните услови кои треба да ги исполнуваат кандидатите http://mnavigation.m-nav.info/?p=4332&lang=mk.
Доколку веќе сте се пријавиле, почнете да се подготвувате и пробајте ги онлајн тест игрите.