Тачи во среда со Хан ќе ја посети јужна Србија
Косовскиот претседател Хашим Тачи во среда ќе се сретне со лидерите на албанските политички субјекти од Прешевската Долина. Но српскиот министер за внатрешни работи Небојша Стефановиќ навести дека косовскиот претседател ќе биде уапсен доколку влезе во Србија. Има налози од српските судови кои мора да се почитуваат и Министерството за внатрешни работи ќе постапи според судските налози, рече Стефановиќ. Според тврдењето на дел од српските медиуми, Тачи заедно со еврокомесарот за проширување Јоханес Хан в среда ќе ги посети општините во јужна Србија, каде живеат Албанци.
Косовскиот претседател последните недели интензивно ја промовира идејата за „корекција на границата“ со Србија, односно за припојување на Першевската Долина кон Косово а северниот дел од земјата да и се врати на Србија. Но се соочува со остро противење опозициските и дел од владејачките партии на косовските Албанци, како и најголемиот дел од меѓународниот фактор.
По последната рунда преговори во петокот помеѓу претседателите на Србија и Косово, Александар Вучиќ и Хашим Тачи, од Европската комисија нема јавни коментари за идеите за размена на територии и поделба на Косово.
Портпаролката на високата претставничка за надворешни политика и безбедност на ЕУ, Федерика Могерини, Маја Коцијанчич ги отфрли обвинувањата дека последната рунда преговори меѓу Вучиќ и Тачи претставува „пораз“, бидејќи двајцата претседатели одбија да одржат трилатерална средба со шефицата на европската дипломатија, како што налага праксата.
„Целта на дијалогот е целосно нормализирање на односите, во тој контекст работиме на правно обврзувачки договор, како што реков врз основа на заедничка согласност и почитување на меѓународното право. Мора да биде одржлив и реален договор“, кажа Маја Коцијанчиќ – Портпарол на ЕК.
Брисел останува во контакт со двете страни и очекува од нив да продолжат да работат во рамките на дијалогот. Неизвесно е кога ќе се закаже нова рунда преговори, но портпаролката истакна дека од влегувањето во втората фаза на дијалогот одржан е најголем број средби и дека работата се интензивира.