Ахмети: Албанците ќе гласаат ”за” зачленување во НАТО и ЕУ

Претседателот на ДУИ, Али Ахмети во емисијата „Опинион“ на тиранската телевизија Клан порача дека референдумот на 30 септември  ќе затвори едно поглавје која трае веќе 25 години и ќе донесе мир и стабилност.  Ова е референдум за НАТО, истакна тој.

– Без сомнение дека Албанците ќе гласаат „за“ зачленување во НАТО и ЕУ, ќе гласаат за исполнување на нивните стремежи за посигурна и подобра иднина, вели Ахмети.

Според него, ДУИ им даде до знаење и на македонската страна, но и на грчката, кои имиња на државата се прифатливи за Албанците.

– Имам остварено многу средби со грчки и меѓународни претставници и им дадовме до знаење и ним, но и на македонската страна кои имиња не се прифатливи, односно се прифатливи за Албанците. Важно е дека Албанците секогаш биле за решавање на спорот, истакна Ахмети.

Лидерот на ДУИ исто така вели дека големите договори секогаш се прават со компромиси, со помош на нашите меѓународни пријатели.

– Додека живееме во една држава, ние треба да внимаваме за историјата и идентитетот на другиот. Јас не сум за реваншизам. Ние треба да упатиме порака дека не сакаме да владееме, или да бидеме арбитри на други проблеми. Сега е време за зачленување во НАТО и почеток на преговорите во ЕУ, истакна Ахмети.

Идентитетот на нашите сограѓани Македонци и самата Македонија, додаде Ахмети, тешко дека ќе опстојат надвор од НАТО и ЕУ.

Ахмети е убеден дека сите Албанци ќе гласаат „за“ на референдумот, а ова, вели тој, нема негативно да влијае кај националистичкиот дел од македонската страна.

– И Македонците се уморни од блокирањето на интеграцијата на земјата, така што атмосферата генерално е позитивна, истакна Ахмети.

Според лидерот на ДУИ, проблемите ги прават некои неодговорни политичари, а не обичните граѓани.

Лидерот на ДУИ се осврна и на законот за јазиците, вели дека албанскиот е официјален во Македонија и тоа ќе се конкретизира по референдумот.

Translate »