Игли во јагодите во неколки градови на Австралија, властите се во паника

Австралиските граѓани се вознемирени откако игли за шиење биле пронајдени сокриени во јагоди кои што се продавале во продавниците ширум земјата.

Покрај во Австралија, стравот меѓу граѓаните се прошири и на Нов Зеланд, каде што два големи дистрибутери на храна порачаа дека од рафтовите во маркетите ширум земјата, веднаш ќе бидат отстранети австралиските јагоди поради иглите.

Како што пренесува новинската агенција „АП“, одгледувачите на јагоди веќе започнале да користат детектори на метал, а австралиската влада отвори истрага за да ја врати довербата на јавноста во популарното овошје.

Властите во австралиската држава Квинсленд понудија награда од 72 илјади долари за било каква информација која што ќе доведе до откривање и апсење на лицата одговорни за ставањето на иглите во јагодите.

Инаку, во меѓувреме шест брендови биле повлечени од продажба, а граѓаните ширум земјата се вознемирени, откако австралиските медиуми пренесоа дека луѓето пронашле игли во јагоди во дури шест австралиски држави.

Како што пренесува новинската агенција „АП“, австралиските власти засега немаат сознанија дали некој е повреден од иглите кои што биле сокриени во јагодите.

Translate »