Љубчо Георгиевски, се спаси во најновата истрага на СЈО во врска со ,,Поштенска банка”, му застарело делото.
Поранешниот премиер на Македонија Љубчо Георгиевски, се спаси во најновата истрага на СЈО во врска со ,,Поштенска банка”, бидејќи во меѓувреме застарело делото.
СЈО отвори нова истрага со кодно име „Поштенска банка“. Станува збор за финансиска истрага, во рамки на која, три од осомничените девет лица се приведени пред судија на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1.
Истрагата опфаќа повеќе поврзани настани за сторени кривични дела – перење пари и други приноси од казниво дело и со неа се опфатени девет лица и тоа: Коле Смилевски, Томе Главчев, Ратко Димитровски, Викица Поповски, Георги Каратолис, Кирил Јаневски, Зоранчо Митровски, Ристо Милев и Златко Ѓорчев. Од извршените кривични дела сторени во временскиот период од 2001 до 2010 година била прибавена имотна корист во износ од околу 5 милиони евра.
Во почеток на 2001 година Љубчо Георгиевски, како претседател на Владата, Марјан Ѓорчев како вицепремиер и Никола Груевски како министер за финансии, со цел да го контролираат фактичкото функционирање на „Поштенска банка“, организирале во основањето на Банката, покрај „Македонска пошта“, која била во државна сопственост, да учествуваат и правните лица кои тие ги избрале – „Ноел Експорт импорт“ Гевгелија и печатница „Европа 92“ Кочани.
Меѓутоа, според СЈО, за Љубчо Георгиевски, Марјан Ѓорчев, Никола Груевски, Томе Главчев и Ратко Димитровски, настапила застареност на кривичното гонење за кривичното дело Злоупотреба на службена положба и овластување.