Смилевски остана без пасош, Димитровски и Главчев ќе се јавуваат во судот
Нема притвор за тројца од осомничените во најновата истрага на СЈО со кодно име „Поштенска банка”. Судијата на претходна постапка, Седат Реџепаѓиќ, по рочиште од девет часа, одлучи да не им определи притвор на тројцата осомничени.
Истрагата „Поштенска банка” е финансиска истрага, во рамки на која, девет лица се осомничени за сторени кривични дела злоупотреба на службената положба и овластување, перење пари и други приноси од казниво дело од член 273 од КЗ.
Со истрагата се опфатени лицата Коле Смилевски, Томе Главчев, Ратко Димитровски, Викица Поповски, Георги Каратолис, Кирил Јаневски, Зоранчо Митровски, Ристо Милев и Златко Ѓорчев.
Од извршените кривични дела сторени во временскиот период од 2001 до 2010 година била прибавена имотна корист во износ од околу 5 милиони евра.
Во почеток на 2001 година Љубчо Георгиевски, како претседател на Владата на Република Македонија, Марјан Ѓорчев како вицепремиер и Никола Груевски како министер за финансии, со цел да го контролираат фактичкото функционирање на „Поштенска банка”, организирале во основањето на Банката, покрај „Македонска пошта”, која била во државна сопственост, да учествуваат и правни лица кои тие ги избрале – „Ноел Експорт импорт” Гевгелија и печатница „Европа 92″ Кочани.
Сепак, поради застареноста на кривичното дело, СЈО во овој случај нема да ги гони Георгиевски, Ѓорчев и Груевски.