Уставните измени на пленарна седница, двотретинското мнозинство неизвесно

Собранието на Република Македонија денеска ќе ја одржи 61. седница на која на дневен ред e Предлогот за пристапување кон измена на Уставот на Република Македонија со насоки за негово изменување и дополнување поднесен од Владата.

На матичната собраниска Комисија за уставни прашања во петокот по дводневна расправа, беа донесени заклучоци за пристапување кон уставни измени и Владата во рок од 15 дена да изготви нацрт-аманадмани и да ги достави до Парламентот. Поддршка за пристапување кон измените на Уставот дадоа пратеници на владејачкото мнозинство, додека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ гласаа против.

За да биде усвоена потребата од пристапување кон уставни измени треба да биде изгласана од две третини од вкупниот број пратеници во Парламентот.

Во предлогот за измени на Уставот, кој Владата го утврди и соопшти во понеделникот, се предлага: Во целиот текст на Уставот пред Република Македонија се додава придавката северна; Измени во Преамбулата на Уставот со именување конкретни документи на АСНОМ заради усогласување со Договорот со Грција; Поцврста гаранција за трајноста на границите и дека Република Македонија нема територијални претензии и грижа за Македонците и дијаспората во странство што ќе значи дека Републиката ќе се грижи за културните, економските и социјалните права на нејзините припадници во странство без да се меша во суверените права на други држави и во нивните внатрешни работи.

Од тоа дали ќе бидат обезбедени две третини за поддршка за  измени на Уставот, ќе зависи и дали претстојат нови предвремени парламентарни избори, кои би се организирале со скратени рокови.

Од ВМРО-ДПМНЕ порачаа дека уставните измени се апсолвирани и оти нивните пратеници нема да ги гласаат. Најавија дека се подготвуваат за избори. На состанокот на ИК на партијата викендов се разговарало за вонредните парламентарни избори и за термините за нивното одржување: 25 ноември, 2 декември, 9 декември  или на пролет со акцент на подготовка на партиската инфраструктура, која е почната и подготовка на програмата  со која ВМРО-ДПМНЕ ќе  настапи на  вонредните парламентарни избори.

Премиерот Зоран Заев пак, остава простор и очекува денеска секој пратеник во Парламентот да се соочи со одговорноста и да се изјасни по своја сопствена волја, следејќи го правецот за развој на државата што, според него, го избраа огромното мнозинство од граѓаните кои излегоа и гласаа на референдумот.

Имплемнтација на Договорот со Грција и усвојување на уставните амандмани очекува и меѓународниот фактор.

Потпретседателот на Соединетите Американски Држави, Мајкл Пенс викендов испрати писмо до претседателот на Владата Зоран Заев во кое му изразува уверување за неговата континуирана поддршка во овој важен момент за земјата и за спроведувањето на историскиот договор од Преспа со Република Грција.

Во своето писмо Пенс нагласува дека 90 отсто од оние што гласаа на референдумот го одобрија договорот од Преспа и со тоа ја потврдија огромната посветеност за европската иднина на Република Македонија.

– Соединетите Американски Држави ја споделуваат вашата посветеност за поголема сигурност и стабилност на регионот. Бидете уверени во мојата континуирана поддршка во овој важен момент за вашата земја, пишува потпретседателот на САД во своето писмо до премиерот Заев со кого минатиот месец имаа средба во Вашингтон.

Високата претставничка за безбедносна и надворешна политика на ЕУ Федерика Могерини вчера во интервју за МИА порача дека Преспанскиот договор е уникатна прилика за помирување и затворање на дводеценискиот спор помеѓу Скопје и Атина и дека оваа прилика може да не се повтори веќе.

– Ги разбирам чувствителностите и комплексната историска позадина на спорот, како и изразените загрижености. Спорот не постоеше толку долго без причина, меѓутоа, како што видовме во минатото, колку повеќе времето минува, толку е потешко да се изнајдат решенија. Преговарачкиот процес мора да бил болен и резултатот е компромис. Но, е компромис со кој успешно се исполнуваат клучните интереси на двете страни. Нашата позиција е јасна: ЕУ целосно го поддржува постигнатиот договор. Ова е уникатна можност за помирување на Западниот Балкан која можеби нема да се повтори. Се надевам дека сите страни ќе ги зграпчат моментот и дека ќе обезбедат иднина во ЕУ за земјата, иднина која цела нација се надева со години да стане реалност.

Translate »