ИК на ВМРО-ДПМНЕ ги исклучи пратенците кои гласаа за измена на Уставот

Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ (ИК) на вечерашната вонредна седница донесе одлука да ги исклучи од партијата седумте пратенци кои гласаа за измена на Уставот на Република Македонија заради имплементација на Договорот од Преспа, информира вечерва лидерот на партијата Христијан Мицкоски.

-Оние седум пратенци од ВМРО-ДПМНЕ кои постапија спротивно на партискиот став и волјата на граѓаните, кој беше, пак, партиски став едногласно донесен и на Извршниот и на Централниот комитет и во координација со претеничката група ме разочараа мене, но тоа и не е толку важно затоа што пред се ја разочараа партијата и татковината и ќе треба со тоа да живеат. Токму затоа вечерва Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ  одржа вонредна седница и на мој предлог едногласно се усвои веднаш да се исклучат од партијата, рече Мицкоски на вечерашнава прес-конференција.

Тој посочи дека од партијата се исклучени Елизабета Канческа Милевска, Емилија Александрова, Нола Исмајлоска Старова, Сашо Василевски, Љубен Арнаудов, Крсто Мукоски и Зекир Рамчиловиќ.

На некои од нив, нагласи, можеби им било ветувано ослободување од обвиненијата, а велат, како што рече, дека биле понудени и пари, но додаде дека како човек не може да ги оправда ниту, пак, да ја разбере нивната постапка.

Translate »