Гласањето во македонското Собраните топ тема во грчките медиуми
Резултатот од гласањето во Собранието, изјавите на македонскиот премиер и честитката од Ципрас до Заев од доцна синоќа се главна тема во грчките медиуми.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, новинарите во Грција во текот на вчерашниот ден, со интерес следеа што се случува во Македонија, како во однос на тоа дека седницата доцнеше, така и во однос на веројатноста дека е обезбедено двотретинско мнозинство за започнување уставни промени.
Кусо откако заврши гласањето, како „итна“ и „вонредна вест“, онлајн изданијата на медиумите и информативните портали го објавија резултатот и обезбеденото двотретинско мнозинство.
„Историски ден за Договорот од преспа“; „ПЈРМ: Со 80 на првото гласање за уставна ревизија“; „Одобрен предлогот на Заев за почеток на ревизија на Уставот“; „Направен првиот чекор“; „Заев најде 80 во собранието – гласаа 8 од ВМРО- Ципрас: Честитки, пријателе Заев“; „ПЈРМ: Заев најде 80 пратеници –помина уставната ревизија“; „Помина со 80 гласа првиот чекор за уставната ревизија во ПЈРМ“; „Изгласан предлогот на Заев со 80 гласа- продолжува процесот за уставна промена“; „Заев:Започна патувањето за подобра иднина“, се дел од насловите во онлајн изданијата на грчките медиуми.
-Собранието на ПЈРМ го одобри предлогот на владата на Зоран Заев за почеток на процесот на ревизија на Уставот на земјата за да се продолжи со промена на името во Република Северна Македонија врз основа на Договорот од Преспа и така, успешно заврши првата фаза од процесот, објави грчката новинска агенција АНА-МПА, кусо откако заврши гласањето во македонското Собрание.
-За предлогот на владата гласаа 72-та пратеници на владиното мнозинство и албанската опозиција, како и 8 пратеници кои без избрани на гласачките ливчиња на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, пишува „Катимерини“.
-Првично, пратениците гласаа електронски, но по барање на опозициската ВМРО, следеше гласање во кое секој пратеник се изјасни поединечно кое го потврди мнозинството за уставна ревизија, објави информативниот портал „Реал.гр“.
Новинарите од грчките медиуми во нивните текстови, објаснуваат дека вчера беше завршен првиот чекор, а во следниот период македонското собрание ќе треба да одржи уште 2 гласања за финализирање на уставните промени.
-Сега почнуваат следните две фази, постојат уште две фази додека да се заврши уставната ревизија. Во следниот период ќе се достават уставни амандмани за кои ќе постои гласање. Потребни се 61 глас од 120 пратеници, кои ги има Заев. А кога ќе заврши ова второ гласање, ќе следат јавни консултации и на крај ќе има последно гласање за конечна промена на Уставот и тогаш повторно ќе биде потребно зголемено, двотретинско мнозинство, објасни дописникот на државната телевизија ЕРТ во синоќешното негово јавување во живо од пред македонското собрание.
Како што доцна синоќа јави дописничката на МИА од Атина, првичните реакции од претставници на грчката влада беа позитивни, кои обезбеденото двотретинско мнозинство за уставните промени, го карактеризираа како голем чекор. Кусо откако беше соопштен резултатот од гласањето, на личните и официјални Твитер профили се огласија грчкиот премиер Алексис Ципрас, владиниот портпарол Димитрис Ѕанакопулос, алтернативниот министер за надворешни работи Јоргос Катругалос, министерот за дигитална политика Никос Папас, министерот за внатрешни работи, Алексис Харицис
-Честитки пријателе, Зоран Заев! Вечерашното гласање е голем чекор кон наш заеднички успех. Многу важен чекор кон мирна и просперитетна иднина за нашите народи, напиша грчкиот премиер на неговиот официјален Твитер профил.
-Се направи првиот голем чекор за да стапи во сила историскиот Договор од Преспа. Гордо продолжуваме за Балкан на мирот, пријателството и на соработката, напиша Ѕанакопулос.
-Добиено потребното мнозинство за уставни промени во ПЈРМ. Важен и позитивен чекор. Одиме напред, коментираше преку Твитер, министерот за дигитална политика Никос Папас.
-Се потврдува динамиката на Договорот од Преспа во корист на двата народи, но и на стабилноста во регионот, напиша алтернативниот МНР, Јоргос Катругалос и сподели линк со вонредната вест објавена на официјалниот Твитер профил на грчката државна телевизија ЕРТ во однос на резултатите од гласањето во македонското собрание.
– Многу позитивна разврска за мирот, просперитетот и развојот на Балканот. Патот за имплементација на Договорот од Преспа веќе е чист. Честитки до Зоран Заев и неговата влада, напиша министерот за внатрешни работи, Алексис Харицис.