Судијката: Ако уште еднаш го навредите судот ќе ве казнам
Обвинителката на СЈО, Ленче Ристоска, на денешното рочиште за случајот „Тенк“ за набавката на екстра луксузниот „мерцедес“, на поранешниот премиер Никола Груевски и другите обвинети им кажа народна поговорка: „Нa човек на сила можеш да му земеш, не да му дадеш“, пишува Макфакс.
Обвинителката оваа поговорка ја кажа откако адвокатите се обидуваа повторно да го прекинат денешното судско рочиште бидејќи немале време да го прегледаат цд-то од минатото судење и да го споредат со записникот.
Судијката, Добрила Кацарска, неколкупати им рече дека цд-то од минатото рочиште судот го изготвил во законскиот рок од 24 часа, но ниту еден обвинет и адвокат не дошле да го подигнат. Откако тоа не се случило, иако тоа не е обврска на судот, адвокатите биле телефонски контактирани за да ги подигнат цд-ата, но повторно тоа никој не го направил.
Судијката дозволи 30-минутна пауза. Груевски ѝ рече: „Имам 17 страници од записникот“ на што судијката му рече дека била јасна, а Груевски ѝ возврати – „не не бевте“. „Пропустот е кај адвокатите кои навреме не ги подигнале цд-ата и записниците“, му појасни Кацарска на Груевски.
Ако уште еднаш го навредите судот, ќе ве казнам, му рече судијката на Груевски
Судијката Добрила Кацарска, која го суди експретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски за случајот “Тенк”, го опомена експремиерот Груевски дека го навредува судот.
Откако обвинителот Стевчо Донев го даде воведниот збор за случајот, Груевски на адвокатката Сања Алексиќ ѝ дофрли: “Ова е партиски суд”.
Судијката побара ова да влезе во записникот за судењето. На Груевски му рече дека е опоменат да не дофрла кога нема дадено збор и да не го навредува судот, зашто следниот пат ќе го казни.
И покрај обидите на одбраната да не почне главната расправа, судијката му даде збор на обвинителот на СЈО и судењето продолжи со воведните зборови.
Груевски претходно рече: „Денеска еднаш немам земено збор“, по што судијката го опомена да не го нарушува редот во судницата. Makfaks.mk