30 години затвор: Уапсен американски трговец со автомобили за враќање на километража

Американски трговец е уапсен заради враќање на километража – го чека до 30 години затвор

Трговец со половни автомобили од САД враќал измината километража во просек за околу 200.000 километри по продадено возило.

Праксата на автомобилските препродавачи да ја враќаат километражата на возилата не е честа појава само во земјава, туку е присутна и во многу поуредени држави, но таму, за разлика од овдешниов башибозук, има закони кои се почитуваат, а правната држава функционира.

Така, годинава во Шпанија е одржано судење на организирана група која манипулирала со километража кај повеќе од 150 авто дилери во таа земја.

Најновиот случај на измама со километража е забележан во Алабама, САД. Американските федерални власти го обвинија Ренди Грин, сопственик на фирма за продажба на половни возила во Хантсвил, дека вратил километража на најмалку 12 возила продадени помеѓу октовмри 2014 и ноември 2016 година.

Од Министерството за правда соопштија дека на продадените возила Грин во просек ја враќал километражата за околу 122.000 миљи (скоро 200.000 километри). Најдрастичниот е случај со возило кое е продадено на измамен купувач со дури 218.000 миљи помалку (околу 350.000 километри) од што реално поминало.

Органите на прогонот не се сигурни дали со истрагата се откриени сите автомобили кои се предмет на измама, па ги повикуваат сопствениците на возилата кои се сомневаат дека Ренди Грин им продал автомобил со вратена километража да го пријават случајот во најблиската полициска станица.

На Грин ќе му се суди по основ на 15 различни обвиненија, од кои 12 се во директна врска со измама на купувач со враќања на измината километража.

За секој автомобил врз кое го направил ова дело му се заканува казна до 3 години затвор и до 250.000 долари глоба, а спрема важечкиот закон вкупно би можел да биде казнет со максимални 30 години затвор.

Translate »