Груевски – Добив азил во Унгарија, во затвор ми се спремаше ликвидација
Поранешниот премиер Никола Груевски на Фејсбук објави дека добил политички азил во Унгарија, поради тоа што е жртва на политички прогон во Македонија. Тој вели дека добил информација дека во затвор му се подготвува ликвидација.
Во подолгата објава на неговиот верификуван Фексбук профил, Груевски вели дека судот и обвинителството се претвориле во „инструмент за политичка уцена и пресметка со политичките неистомисленици“.
„Јас одлучив да се спротивставам на сето ова и со мојот чекор да го издигнам ова прашање на повисоко ниво. Некој може да ме сака или да не ме сака, да се согласува или да не се согласува со мене, да смета дека водам добри или лоши политики, но не може да го негира или да ги затвори очите пред она што се случува во Македонија во овој период, а кое го опишувам“, пишува Груевски.
Тој вели дека одлучил да ја исполни желбата на СДСМ да седи затворен додека тие ја „распродаваат државата“. Груевски пишува дека ја продолжува борбата за „македонската кауза“.
„Јас не избегав од правдата, туку користејќи други меѓународно правно регулирани методи продолжувам да ја барам правдата и за мене и за сите други жртви на политичкиот прогон во Македонија“, пишува Груевски.
Тој вели дека Македонија треба да стане членка на НАТО и ЕУ, но „не смее да се дозволи под превезот на оваа цел, актуелната недемократска власт да се пресметува со политичките неистомисленици и да им конструира судски случаи и затворски казни, со цел да може непречено да прави криминал, корупција и распродажба на државните и национални интереси“.