Фирмата на братот на Крсто Мукоски жнее пари и со оваа власт
Последниот тендер е во вредност од 680.000 евра а предмет на договорот е тековно-инвестициски одржување на објекти во подружниците на друштвото во Скопје, Битола, Велес, Куманово, Кавадарци, Кочани, Штип, Тетово, Кичево, Охрид, Струга и Прилеп.
Фирмата „Атриум“ на братот на пратеникот Крсто Мукоски, Бобан доби уште еден тендер од Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор (АДСДП). Овој пат висината на договорената работа е 680.000 евра.
Предмет на договорот е тековно-инвестициски одржување на објекти во подружниците на друштвото во Скопје, Битола, Велес, Куманово, Кавадарци, Кочани, Штип, Тетово, Кичево, Охрид, Струга и Прилеп.
На тендерот учествувале четири фирми, а „Атриум“ добил поради најниската цена.
Занаетчиската фирма „Атриум“ последните неколку години интензивно соработува АДСДП и досега извршува градежно-занаетчиски работи во вредност од 3,5 милиони евра.
Фирмата во 2015 година го доби тендер за градежни занатски работи за изградба на социјална зграда во Кочани кој требаше да биде готова за две години. Вредоста на договорот е нешто над еден милион евра.
„Атриум“ и во 2016 година работи за АДСДП од кого добива четири тендера. Првиот за инвестициско одржување на објектите на државното претпријатие и тоа во подружниците во Скопје, Куманово, Тетово и Велес. Договорот е вреден 405.000 евра. Останатите три се вредни 270.000 евра. Од нив два се за тековно-инвестициско одржување и еден е за непредвидени работи на објектот во Кочани за кој го доби тендерот претходната година.
И лани фирмата доби тендер од аквионеското друштво во висина од 1,04 милиони евра за изградба на објект на друштвото во Струмица.
Фирмата во изминатиот период покрај овие тендери има добиено и голем број други од јавни институции. Според достапни информации за последните пет години фирмата добила 29 тендери од јавните институции и инкасирала 1,15 милиони евра.