МАКПРОГРЕС ОД ВИНИЦА ЈА ПРЕВЗЕМА ДОНИА ОД ПРИЛЕП
Македонскиот производствен гигант на кондиторските производи Макпрогрес ДОО од Виница потпиша договор за стопроцентно превземање на кондиторската фабрика Дониа, со седиште во Прилеп.
Превземањето на кондиторската фабрика Дониа со својата палета на препознатливи бомбони, бисквити и кекси со врвен квалитет, претставува зајакнување на брендираниот асортиман на Макпрогрес и додатен импулс во интернационализација на бизнисот. Асортиманот на Дониа е присутен на македонскиот пазар, а половина од неговото вкупно производство се извезува на пазарите вон регионот.
„Понатамошниот развој на компанијата и производите во асортиманот бараат значителни инвестиции и во тој поглед Макпрогрес е сериозен соговорник кој ја разбира природата на нивната работа, начинот на кој работат, вредноста на брендовите, но и потребата од континуирано вложување во нови и подобрени развојни линии. Макпрогрес како стратешки инвеститор совесно ќе управува со брендовите на Дониа, ќе работи на развивање на продуктното портфолио и ќе ги унапредува пазарните позиции“ – изјавија од Макпрогрес.
Макпрогрес детерминирано ќе се труди да ги зголеми интернационалните потенцијали на Дониа, чиј
асортиман е исклучително комплементарен со асортиманот на брендот Vincinni и со помош на својата дистрибутивна мрежа и бескомпромисна определба за врвен квалитет, ќе овозможи конкурентност на пазарниот натпревар во глобални рамки, што отвора огромен простор за значителни синергии и унапредување на позицијата на сите бреднови во продуктното портфолио.
“Производите на Дониа се вистинска скапоценост во кондиторското производство и амбасадор на квалитетот на автентичното домашно производство на светскиот пазар. Овој бренд има значителен развоен потенцијал и со тоа оваа интеграција ги опфаќа двете цели дефинирани во развојната стратегија на Макпрогрес – ширење на брендираното портфолио и интернационализација на бизнисот“ – додаваат од Макпрогрес.